Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, денеска го посети Полошкиот регион, каде што ја посети фармата на сточарот Газменд Сејдија, со цел одблиску да се запознае со состојбите во секторот сточарство, со посебен акцент на одгледувањето овци.
За време на посетата беше истакната важноста на овој сектор за економијата, домашното производство и животот во руралните средини. Заменик-министерот Хоџа нагласи дека институционалната поддршка дава конкретни резултати на терен, преку навремени директни плаќања, исплата на заостанатите обврски и зголемување на субвенциите по грло овца
„Денеска сум во Полошкиот регион, во фармата на Газменд Сејдија, за одблиску да ја видам работата и посветеноста на фармерите кои го одржуваат сточарството, особено одгледувањето овци. Овој сектор има важно значење за економијата, домашното производство и зачувувањето на руралната традиција. Поддршката што ја даваме веќе дава резултати, со реализирани исплати, подмирени обврски и зголемување на бројот на овци во последните две години. Ќе продолжиме со конкретни мерки за поддршка на фармерите и домашното производство“, изјави Хоџа. Како резултат на овие мерки и политики, запрен е падот на бројот на овци на национално ниво, а во последните две години е забележан раст, како во бројот на грла, така и во производството на овчо млеко.