Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик-министерот Хоџа на Балканскиот самит 2026: Регионалната соработка отвора можности за развој на земјоделството и привлекување инвестиции

Заменик-министерот Хоџа на Балканскиот самит 2026: Регионалната соработка отвора можности за развој на земјоделството и привлекување инвестиции

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, учествуваше како панелист на Балканскиот самит 2026, одржан на 20 октомври во Приштина, каде што се дискутираше за можностите за развој на земјоделско-прехранбениот сектор, унапредувањето на земјоделските технологии и зајакнувањето на економската соработка меѓу земјите од регионот.

На панелот посветен на земјоделството и прехранбената индустрија, на тема „Од балканската почва до глобалните полици: земјоделство, агротехнологија и преработка на храна во голем обем“, Хоџа, заедно со претставници од Косово и Албанија, дискутираше за заедничкиот потенцијал на регионот и можностите за создавање поконкурентен земјоделски сектор.

Во текот на дискусијата, заменик-министерот Хоџа истакна дека земјите од Западен Балкан располагаат со значителен земјоделски потенцијал, но дека неговото поефикасно искористување бара поблиска соработка, инвестиции во технологија, модернизација на производството и развој на преработувачките капацитети.

„Регионалната соработка не треба да се ограничува само на трговската размена. Таа треба да создава услови за заеднички инвестиции, трансфер на технологии, зголемување на производствените капацитети и полесен пристап до меѓународните пазари. Со обединување на нашите потенцијали, можеме да го направиме регионот попривлечен за инвеститорите, а нашите производи поконкурентни на странските пазари“, истакна Хоџа.

Посебно внимание беше посветено и на безбедноста на храната, стандардите за квалитет и усогласувањето на законодавството со барањата на Европската Унија. Хоџа ја нагласи важноста од зајакнување на соработката меѓу институциите надлежни за безбедноста на храната и ветеринарните служби, како предуслов за зголемување на довербата на потрошувачите и олеснување на прометот на земјоделско-прехранбените производи.

Тој исто така истакна дека одржливиот развој на земјоделството бара поддршка за земјоделците, поттикнување на приватните инвестиции, модернизација на земјоделската механизација и создавање услови домашното производство да генерира повисока додадена вредност.

Во таа насока, Република Северна Македонија останува посветена на развојот на модерно, конкурентно земјоделство, ориентирано кон европските стандарди, при што соработката со соседните земји се смета за значајна можност за економски развој на регионот.

Учеството на Балканскиот самит 2026 претставуваше можност за размена на искуства, идентификување нови области за соработка и промовирање на потенцијалот на земјоделско-прехранбениот сектор на Северна Македонија.

Мени за пристапност