На 6 април 2026 година се одржа 10-тата работилница а воедно и Состанок на Националната мрежа за управување со пожари на ниво на предел, настан кој означува значаен чекор напред во реформата на системот за управување со пожарите на ниво на предел. Настанот беше организиран од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како носител на овој процес, во соработка со Регионалниот центар за следење на шумски пожари (РМФЦ).
Во исклучително конструктивна и работна атмосфера, повеќе од 20 институции, владини тела, агенции и јавни претпријатија, кои се активни членови на Националната мрежа, го отпочнаа процесот на изготвување на документ: „Насоки за водење политики во управување со пожарите на ниво на предел во Македонија“.
Интегриран пристап и меѓусекторска соработка: Рамките на работилницата беа поставени врз современи пристапи кои подразбираат мулти-секторски и партиципативен модел на дејствување. Учесниците работеа на дефинирање конкретни препораки низ четирите клучни фази на управување:
- Превенција
- Подготвеност
- Супресија (гаснење)
- Постпожарно управување
Аналитички димензии за долгорочни решенија: Дискусиите беа насочени кон три суштински димензии: стратешко-нормативната рамка, институционалната организација и механизмите за соработка со засегнатите страни, вклучувајќи ги локалните заедници и граѓанскиот сектор.
Целта е преку овој процес да се обезбеди цврста аналитичка основа за изработка на т.н. Meta policy brief – единствен документ со приоритетни препораки за унапредување на јавните политики во областа на пожарите на отворено.
Настанот го отворија Јордан Здравковски (раководител на сектор за шумарство и ловство), Бојан Михајловски (национален соработник на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан), и Цветан Николовски (тим лидер на Програмата) кои ја истакнаа важноста на овој партиципативен пристап за создавање ефикасен и одржлив систем.
Овој процес се реализира во рамки на проектот „Landscape Fire Management in the Western Balkans“ (LFMWB) Programme, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од страна на Farmahem со советодавна поддршка од Helvetas агенција од Швајцарија.