Пределите на Западен Балкан се исклучително разновидни – шуми, пасишта, грмушести предели, земјоделско земјиште, мочуришта и планински екосистеми. Со векови тие се обликувани од природните процеси и човечките активности: земјоделство, сточарство, шумарство и населување. Овој мозаик од различни вегетациски типови и начини на користење на земјиштето создава богата биолошка разновидност, нуди суштински придобивки за луѓето и ја зајакнува егзистенцијата на руралните заедници. Но, промените во користењето на земјиштето, климата и социо‑економските услови значително ги измениле овие предели, зголемувајќи ја нивната ранливост на пожари.
Пожар на ниво предел е неконтролиран оган што се шири низ природна или полуприродна вегетација – шуми, грмушести предели, пасишта и земјоделски површини. За разлика од структурните пожари, кои настануваат во објекти или инфраструктура, пожарите на ниво на предел се поттикнати од фактори на средината како достапност на горивен материјал, временски услови и топографија. Огнот е природен еколошки процес во многу екосистеми и илјадници години има важна улога во обликувањето на вегетацијата. Под соодветни услови, пожари со ниска до умерена јачина можат да придонесат за „здравјето на екосистемот“ – рециклирајќи хранливи материи, намалувајќи наталожена вегетација, поттикнувајќи обновување на видови приспособени на оган и одржувајќи разновидност на живеалишта. Но, кога пожарите се случуваат премногу често, во екстремни временски услови или во силно изменети предели, тие можат да предизвикаат сериозни еколошки, економски и социјални последици.
Во Западен Балкан, зачестеноста и интензитетот на пожарите на ниво на предел значително се зголемија во последните децении. Порастот на температурите, продолжените суши и сè почестите топлотни бранови поврзани со климатските промени создаваат услови што го поттикнуваат палењето и брзото ширење на огнот. Истовремено, иселувањето од руралните средини и напуштањето на традиционалните земјоделски и сточарски практики доведоа до натрупување на запаллива вегетација. Поранешните ниви и пасишта сè повеќе се обраснати од грмушки и млади шуми, создавајќи континуирано горивен материјал што овозможува пожарите да се шират на големи површини. Урбанизацијата и ширењето на населби кон шумските предели дополнително ја зголемува изложеноста на луѓето, домовите и инфраструктурата на огнот. Најголем дел од пожарите на ниво на предел во регионот се предизвикани од човечки активности, а не од природни настани. Палење на земјоделски површини, невнимание при рекреација на отворено, фрлање отпушоци од цигари, искри од машини, лошо одржувана електро - енергетска инфраструктура и намерни палења се главните причини за нивното настанување. Иако понекогаш молњите предизвикуваат пожари за време на суви грмотевици, природно предизвиканите пожари остануваат ретки. Бидејќи најголем дел од пожарите потекнуваат од човечки фактор, превенцијата претставува најделотворна и најисплатлива стратегија за намалување на нивната појава и ограничување на штетите.
Превенцијата од пожари на ниво на предел се фокусира на намалување и на веројатноста за палење и на условите што овозможуваат пожарите да станат големи и разорни. Спречувањето на палењата започнува со подигање на јавната свест за ризиците и поттикнување одговорно однесување во периоди со висок степен на опасност. Едукативни кампањи, училишни програми, системи за предупредување и јасни правила за користење на оган на отворено помагаат да се намалат случајните палења. Земјоделците, сопствениците на земјиште, туристите, шумските работници и локалните заедници имаат важна улога во превенцијата – преку следење на безбедни практики и навремено пријавување сомнителни активности или појава на чад.
Одржливото управување со земјиштето е уште една клучна компонента на превенцијата од пожари. Добро управуваните предели генерално се помалку ранливи на силни пожари, бидејќи содржат помалку континуирани горивни маси. Активното пасење, редовното одржување на земјоделските површини, одржливото шумарство, селективното проредување и отстранувањето на сувата вегетација помагаат да се намали количината на запаллив материјал. Задржувањето на традиционалните практики за користење на земјиштето, каде што е соодветно, може да го зачува мозаикот на пределот што природно го ограничува ширењето на пожарите. Противпожарни коридори, зелени појаси и добро управувани заштитни зони околу населби, транспортни патишта и критична инфраструктура дополнително го намалуваат ризикот и ја зајакнуваат отпорноста на пределите.
Проценката на ризикот од пожари и планирањето претставуваат основа за ефикасна превенција. Современите технологии како сателитски снимки, географски информациски системи (GIS), далечинско набљудување и системи за процена на опасност од пожари им овозможуваат на институциите да идентификуваат ризични подрачја, да ја следат состојбата на вегетацијата и да предвидат периоди со зголемена опасност. Комбинирањето на еколошки податоци со информации за користење на земјиштето, климата и човечките активности овозможува превентивните мерки да се насочат таму каде што се најпотребни. Овој проактивен пристап поддржува подобро планирање, поефикасна распределба на ресурсите и посилна соработка меѓу шумарството, земјоделството, цивилната заштита и еколошките институции.
Интегрираното управување со пожари на ниво на предел признава дека огнот не може целосно да се елиминира и дека одредени екосистеми се развивале со периодично горење. Наместо да се потпира исклучиво на итни интервенции, овој пристап комбинира превенција, еколошко знаење, одржливо управување со земјиштето и учество на заедниците за долгорочно намалување на ризикот. Каде што тоа е дозволено со националното законодавство и спроведено од обучени професионалци под строго контролирани услови, контролираното палење може да се користи за намалување на опасниот горивен материјал, одржување на отворени живеалишта и намалување на веројатноста за пожари со висок интензитет. Таквите мерки бараат внимателно планирање, поволни временски услови и постојано следење за да се обезбеди безбедност и да се постигнат еколошките цели.
По пожар на ниво на предел, закрепнувањето се фокусира на обновување на функциите на екосистемот и намалување на идната ранливост. Мерките за обнова може да вклучуваат контрола на ерозија, управување со инвазивни видови, ревитализација на оштетени живеалишта и следење на природното обновување на вегетацијата. Во многу ситуации, природната регенерација е поефикасна од масовното засадување дрвја, особено каде што автохтоната вегетација е добро приспособена на локалните услови. Обновата исто така претставува можност за зајакнување на идната отпорност преку создавање поразновидни предели, намалување на континуитетот на горивен материјал и интегрирање на мерки за превенција во долгорочните планови за управување со земјиштето.
Како што климатските промени продолжуваат да го зголемуваат ризикот од пожари низ Западен Балкан, управувањето со пожари на ниво на предел постепено се префрла од реактивен пристап кон проактивна превенција и градење отпорност. Намалувањето на ризикот бара соработка меѓу владите, научниците, управителите на земјиште, службите за итна помош, локалните заедници и секој поединец.