Денеска официјално се означи почетокот на проектот „Имплементација на мерките за организација и уредување на земјоделските пазари“, кој се реализира со поддршка на Европската Унија во рамки на IPA 2021 програмата, со вкупен буџет од околу 840.000 евра и времетраење од 24 месеци.
Целта на проектот е зголемување на пазарните можности, економски развој и продуктивностa, како и подобрување на конкурентноста во земјоделскиот сектор во согласност со правото на ЕУ.
„Со овој проект се овозможува јакнење на капацитетите на надлежните институции за планирање, спроведување и следење на политиките поврзани со организацијата на пазарите“, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Особено значаен сегмент е поддршката за развој и признавање на организации на производители.
„Голема благодарност до Делегацијата на Европската Унија за континуираната поддршка во земјоделскиот сектор, ова е уште еден од низата на чекори кои што ги преземаме за спроведување на реформите и нашата посветеност за членство во ЕУ“, истакна министерот.