Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Фотографијата како повик за превенција - Регионалната изложба за заштита на пределите од пожари го започнува своето патување од Скопје

Фотографијата како повик за превенција - Регионалната изложба за заштита на пределите од пожари го започнува своето патување од Скопје

Во Лабораториум, Скопје, беше отворена патувачката изложба „Заштита од пожари на ниво на предел низ вашиот објектив“ како дел од Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од Фармахем.  

На изложбата беа претставени најдобрите 20 фотографии од вкупно пристигнатите 200 од цел Западен Балкан, а на присутните автори им беа доделени специјални награди и признанија. Фотографиите сведочат за последиците од пожарите и ја нагласуваат потребата од превенција. Тие ја пренесуваат реалноста на уништени полиња и планини, загрозени живеалишта како и напорите на пожарникарите и заедниците кои се борат со огнената стихија.

„За да се справиме со ризиците од пожари, неопходно е да ги разбереме причините, да вложиме во превенција и да се адаптираме на климатските промени. Вклучувањето на локалните и ранливите заедници е клучно, како и градењето силна соработка меѓу институциите, експертите и граѓаните,“ истакна Цветан Николовски, тим лидер на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан.

На отворањето присуствуваа и претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, како и претставници од Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Кармен Тонисен, регионална советничка за води и животна средина при Амбасадата на  Швајцарија во Република Северна Македонија, истакна дека Швајцарија преку регионалната програма работи со шест држави од Западен Балкан за остварување на заедничката цел – зацврстување на соработката, изградба и подобрување на капацитетите и промовирање на интегриран пристап во управувањето со пределите. Таа додаде дека оваа изложба е потсетник на тоа што може да изгубиме и колку е важно да делуваме со цел да ги заштитиме пределите од пожари, нагласувајќи ја симболичната врска меѓу проектот и јавната свест.

Ѓорѓи Стојкоски, советник во Кабинетот на Министерот при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, искрено се заблагодари на Швајцарската агенција за развој и соработка за долгогодишната визија и поддршка. Тој упати благодарност и до компанијата Фармахем, истакнувајќи ја нивната важна улога. „Фармахем преку оваа програма успева да ги обедини институциите, експертизата и заедниците околу една заедничка цел, градење поотпорни предели и подобра заштита од пожари“- истакна Стојковски.

Изложбата во Скопје ќе биде отворена за сите посетители до 12 јули, по што ќе продолжи како патувачка поставка низ регионот пренесувајќи јасна порака - Еден пожар може да промени сè. Да го заштитиме Западен Балкан од пожари.

Мени за пристапност