Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Трипуновски: Започнува кампањата „Гласот што го слушаме - македонско најдобро“, ќе посетиме над 30 општини и 120 населени места

Трипуновски: Започнува кампањата „Гласот што го слушаме - македонско најдобро“, ќе посетиме над 30 општини и 120 населени места

Почитувани претставници на медиумите,

 

Почитувани граѓани,

 

Македонското земјоделство не е само економска гранка. Тоа е дел од нашиот идентитет, наша традиција и нашата иднина. Зад секој домашен производ стои труд, работа, знаење и посветеност на илјадници земјоделци кои што секојдневно работат за да обезбедат квалитетна храна за нашите граѓани.

 

И токму затоа денеска од овде најавувам дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата започнуваат со кампањата „Гласот што го слушаме - македонско најдобро“.

 

Нашата цел е во следниот период, два големи тима да посетат повеќе од 30 општини во Република Македонија. Додека 6 помали тимови ќе посетат над 120 населени места.

Овие средби ќе се одржуваат секоја среда и сабота, како големи тимови. А, во петок помалите тимови ќе одржат директни средби низ населените места со земјоделците.

Малите тимови ќе ги предводат:

 

·         Даниела Иротова, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР),

·         Филип Филиповски, директор на АД Водостопанство,

·         Васе Анакиев, директор на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ),

·         Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ),

·         Здравко Трајанов, директор на ЈП Национални шуми и нормално јас како министер ќе предводам еден тим.

 

Во овие тимови ќе учествуваат и останатите директори кои што се во секторот, а тоа се: Управата за водостопанство, Управата за хидрометереолошки работи, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, Државната фитосанитарна лабораторија и Фитосанитарната управа, нормално во состав на овие теренски посети ќе учествуваат и локалните структури на Министерството и на сите институции кои што ги имаат.

 

На овие средби ќе се разговара за реалните предизвици со кои што се соочуваат македонските земјоделци, ќе се слушнат нивните предлози и идеи, но ќе се презентираат и политиките и мерките за поддршка на македонското земјоделство, производството и сето она што е сработено измнативе речиси две години мандат на Владата.

 

Преку ова покажуваме и докажуваме дека земјоделците не се само производители, туки тие се двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и клучен фактор за стабилноста на домашниот пазар за производство на храна. Затоа нивното мислење, искуство и предлози се од огромно значење при креирање на идните политики во земјоделскиот сектор.

 

Само сплотени, обединети, и со отворен дијалог заеднички можеме да создадеме решенија кои ќе донесат одржлив развој, стабилност и поголема вредност на македонското производство.

 

Верувам дека најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и од вредните раце на нашите чесни работливи земјоделци. Затоа оваа кампања е посветена токму на нив, на луѓето кои го хранат народот и ја одржуваат традицијата.

Почитувани земјоделци,

Ве повикувам сите заедно да се вклучите и да бидете дел од оваа заедничка кампања „Гласот што го слушаме - македонско најдобро“, да создадеме подобри услови и посигурна иднина за македонското земјоделство.

Мени за пристапност