Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, гостувајќи во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија, најави дека оваа година ќе биде исполнета со многу активности кои што ќе бидaт видливи за јавноста.
„Оваа година ќе биде исполнета со многу активности кои ќе бидат јасно видливи за јавноста. Изминатите две години беа насочени кон административно сработување на активностите“, истакна министерот Трипуновски.
Тој најави дека во Скопје ќе биде поставен камен темелник на нова современа платформа за пласман на земјоделските производи, која ќе претставува значајна инфраструктурна инвестиција за државата.
„Ќе изградиме два големи објекти со магацински простор, капацитети за калибрација, изложбен дел и фитосанитарна контрола. Тоа ќе биде вистинска порта за извоз на македонските земјоделски производи, како за домашниот така и за странските пазари“, нагласи министерот.
Министерот Трипуновски посочи дека има и реализација на системи за наводнување во соработка со Германската развојна банка (KfW).
„Работиме и во делот на носењето на нови закони кои што ќе значат нови правила на игра во делот на регулација на пласман, откуп на земјоделски производи, олеснување на многу процедури во делот на земјоделското производство“, истакна тој.
Министерот додаде дека заедно со Државниот инспекторатот за земјоделство и другите институции се фокусирани во следење на процесот на откупот, почитување на законот со цел земјоделците да имаат стабилност и да знаат дека има некој што го следи процесот и дека не се оставени сами на себе како во минатото.