За првпат Македонија е домаќин на Светското првенство во спортски риболов на крап. Маврово овие денови собра спортски риболовци од 33 држави од Европа, Азија, Африка и Америка.
На свеченото отворање на првенството присуствуваше заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со заменик-директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Мевлан Морина.
Хоџа истакна дека организирањето на настан од ваков ранг за првпат во Македонија е значајно за спортскиот риболов, но истовремено претставува и голема можност за промоција на Маврово, природните убавини и спортскиот и еколошкиот туризам на земјата.
Министерството за земјоделство, заедно со Риболовната федерација, Државниот инспекторат за земјоделство и Националниот парк „Маврово“, беше дел од подготовките и поддршката на првенството. Во изминатиот период беа реализирани и неколку порибувања на Мавровското Езеро, со што се придонесе за создавање услови за одржување на натпреварот.
Првенството продолжува на водите на Мавровското Езеро, а за учесниците од целиот свет останува најубавата рибарска желба: успешен риболов, бистро и убави спомени од Маврово!