Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Албрим Хоџа, оствари работна средба во Тирана со заменик-министерот за земјоделство и рурален развој на Албанија, Ариан Јауплари, и со претставници на министерството. Во текот на посетата, Хоџа имаше и кратка средба со заменик-министерот Фатмир Гури.
Разговорот беше посветен на заедничкото управување со риболовот во Охридското и Преспанското Езеро. Соговорниците разговараа за заштитата на охридската пастрмка, координацијата при спроведувањето на стратегијата за управување со јагулата и зајакнувањето на соработката меѓу институциите на двете земји.
Една од темите на средбата беше и повторното активирање на работата на Заедничкиот комитет за риболов во Охридското и Преспанското Езеро, за координација на мерките и размена на податоци.
Хоџа истакна дека заштитата на заедничкото природно богатство и одржливото управување со риболовот бараат континуирана соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.