Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, учествуваше како панелист на Balkan Summit 2026, одржан во Приштина, каде што дискутираше за предизвиците и можностите за развој на земјоделско-прехранбениот сектор, со акцент на управувањето со водите, извозниот потенцијал и привлекувањето инвестиции.
На панелот посветен на земјоделството и прехранбената индустрија, Хоџа истакна дека климатските промени, сè почестите сушни периоди и застарената инфраструктура за наводнување бараат континуирани инвестиции во модернизација на постојните системи и поефикасно користење на водните ресурси.
„Наш приоритет е рехабилитацијата на системите за наводнување, намалувањето на загубите на вода и примената на современи технологии. Прецизното наводнување и дигиталниот мониторинг се важни за обезбедување постабилни услови за земјоделците и инвеститорите“, истакна Хоџа.
Говорејќи за извозот, заменик-министерот нагласи дека Европската Унија останува главен трговски партнер на земјата во земјоделско-прехранбениот сектор. Во текот на 2024 година, извозот на земјоделски и прехранбени производи во ЕУ достигнал околу 422 милиони евра, односно 49,3% од вкупниот извоз во секторот.
Значителен потенцијал за проширување на извозот имаат свежото и преработеното овошје и зеленчук, виното, органските производи, медот и сточарските производи, со почитување на соодветните европски стандарди.
„Нашата цел не е само зголемување на извозот, туку и создавање поголема додадена вредност преку инвестиции во преработка, складирање, пакување и сертификација, со цел поголем дел од економската вредност да остане кај земјоделците и во домашната економија“, изјави Хоџа.
Во дискусијата за инвестициските можности, тој ја нагласи важноста на транспарентните процедури, достапните информации за земјиштето и водните ресурси, како и институционалната координација. Според него, инвеститорите треба да имаат јасен преглед на инвестициските можности, административните процедури и механизмите за финансиска поддршка.
„Нашата цел е инвеститорот да не губи време барајќи каде треба да се обрати, туку да има јасен институционален пат за реализација на својот проект“, истакна заменик-министерот.
По завршувањето на Самитот, организаторите му упатија писмо со благодарност на заменик-министерот Хоџа, во кое посебно го истакнаа неговиот придонес во отворањето на прашањето за управувањето со водите како суштински дел од дискусијата за развојот на земјоделството и прехранбената индустрија.
Balkan Summit 2026 собра над 900 учесници од повеќе од 10 земји, меѓу кои претставници на владини институции, компании, развојни агенции и меѓународни финансиски институции.
Следното издание на Самитот е најавено во Тирана, од 14 до 16 октомври 2027 година.