Денес во Стопанската комора се одржа настанот „Зголемување на обемот на консолидација на земјиштето преку партнерства со приватниот сектор“, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски ја истакна важноста на процесот на консолидација на земјоделското земјиште.
Консолидација не е само административна постапка, туку инструмент кој суштински го менува начинот на производство и отвора нови можности за развој на земјоделството.
За таа цел на владина седница на 10 јуни 2025 година се донесе Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025–2035 со Акциски план, со која консолидацијата се позиционира како повеќенаменски инструмент – за подобрување на структурата на земјиштето, модернизација на земјоделската инфраструктура и зајакнување на отпорноста на секторот кон климатските промени, и истата тековно се спроведува.
Министерот се заблагодари на поддршката на Делегацијата на Европската Унија и ФАО за досегашните активности во спроведувањето на процесот консолидација како инструмент за развој и унапредување на земјоделското производство.
„Убеден сум дека преку партнерства можеме да создадеме услови за модерно, конкурентно и климатски отпорно земјоделство и да обезбедиме подобра иднина за земјоделците и руралните средини“, истакна министерот Трипуновски.