Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски се обрати денеска по повод 78 години од постоењето на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, една од најзначајните високообразовни и научни институции во државата, која со децении е темел, а воедно и двигател на развојот на македонското земјоделство.
„Факултетот е расадник на знаење, струка и наука, создава кадар што директно придонесува за модерно, конкурентно и одржливо земјоделство, безбедна и квалитетна храна и одговорно користење на природните ресурси“, истакна министерот.
Министерот посочи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја препознава стратешката улога на Факултетот во креирањето и спроведувањето на аграрните политики. Голем дел од експертите во агросекторот се токму негови поранешни студенти и професори, што е најдобра потврда за квалитетот на оваа институција.
„Продолжуваме со силна поддршка на науката и образованието, преку меѓународни проекти, модернизација на лабораториската инфраструктура и заедничка организација на значајни настани, како Меѓународниот симпозиум за земјоделство и храна – ISAF 2025“, додаде министерот Трипуновски.
При своето обраќање министерот истакна – „Нашата заедничка цел е јасна, модерно и конкурентно земјоделство, одржливо управување со природните ресурси и млад кадар кој ќе остане и ќе создава во Македонија. Убеден сум дека и во иднина Факултетот за земјоделски науки и храна ќе продолжи да биде столб на знаење и партнер на државата во градењето на силен и одржлив аграр“.