Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Серафимовски: Задругите ја зголемуваат економската сила на земјоделците и сточарите

Серафимовски: Задругите ја зголемуваат економската сила на земјоделците и сточарите

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, на Шар Планина присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на задругите, организирано од Земјоделската задруга за традиционално сточарство „Шарри“, во соработка со Македонската асоцијација на земјоделски задруги.

„Современата земјоделска задруга е модерен економски одговор на расцепканото производство, високите трошоци и ограничената преговарачка моќ на поединечниот производител. Задругата ја зголемува економската сила на земјоделецот и сточарот“, истакна министерот Серафимовски во своето обраќање.

Тој истакна дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го препознава потенцијалот на задругите за подобро организирање на производителите, намалување на производствените трошоци и зајакнување на нивната позиција на пазарот. Преку проектот за формирање и развој на производни групи и производни организации, поддржан од Европската Унија, се спроведуваат пилот-модели за обука, модернизација и подобро пазарно поврзување на производителите.

„Според анализите, инвестициите во обуки, опрема и организациски развој на задругите можат да се вратат во период од три до пет години. Во овчарството, подобрата селекција, поквалитетната исхрана и машинското молзење создаваат потенцијал за зголемување на производството на млеко за околу 30 отсто. Брендирањето и заштитата со географска ознака, исто така, можат да придонесат за зголемување на пазарната вредност на јагнешкото месо за околу 30 отсто“, рече министерот Серафимовски.

Министерот Серафимовски нагласи дека довербата, солидарноста и одговорноста меѓу производителите се основата на успешно задругарство.

„Со здружување на знаењето, ресурсите и производствените капацитети, поединечниот труд се претвора во заедничка економска сила, се зајакнува сточарството и се создаваат услови за одржливо производство на квалитетна домашна храна“, порача министерот Серафимовски. 

 

Мени за пристапност