Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес оствари работна средба со Редон Беголи, заменик-директор за Северна Македонија и виш специјалист за енергија во Светска банка, и Теклу Тесфае, виш економист за земјоделство и тим-лидер на Проектот за модернизација на земјоделството. На средбата беа разгледани согледувањата од редовната мисија на Светска банка, постигнатиот напредок и следните чекори во реализацијата на проектните активности.
Во фокусот на разговорите беа логистичко-дистрибутивниот центар во Скопје, центарот за сортирање и складирање во Струмица, воспоставувањето интегрирана земјоделска информациска платформа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и реконструкцијата на административната зграда на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Министерот Серафимовски ја потврди определбата на Министерството за навремено усогласување за отворените прашања и забрзување на постапките во соработка со Светска банка и другите вклучени институции.
На состанокот заеднички беше истакнато дека заедничка цел е проектните инвестиции да прераснат во функционална инфраструктура и современи дигитални услуги што ќе обезбедат поефикасни институции, подобри услови за пласман и конкретни придобивки за земјоделските производители.