Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Серафимовски: Грижата за пчелите е грижа за иднината на македонското земјоделство

Серафимовски: Грижата за пчелите е грижа за иднината на македонското земјоделство

Со порака дека во една тегла мед се соединети природата, човечкиот труд и карактерот на поднебјето, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски во Радовиш ја отвори манифестацијата „Меден Радовиш 2026“.

Министерот Серафимовски во своето обраќање посочи дека значењето на пчеларството го надминува производството на мед и други пчелни производи. 

„Преку опрашувањето, пчелите имаат незаменлива улога во овоштарството, градинарството и поледелството, поради што нивната поголема заштита е неопходна за зголемување на домашното производство на храна и зачувувањето на биолошката разновидност“, рече министерот Серафимовски.

Тој додаде дека политиките во овој сектор се насочуваат кон понатамошна професионализација и модернизација на пчеларските стопанства, зачувување на автохтоната македонска медоносна пчела, подобро искористување на пчелната паша и создавање производи со повисока додадена вредност. 

Министерот Серафимовски истакна дека институционално се засилуваат контролите на квалитетот, заштитата од нелојална конкуренција и надзорот над погрешно декларираните производи.

„Македонскиот мед има потенцијал да биде високо вреднуван производ. Неговата вредност и понатаму ќе ја надградуваме преку проверен квалитет, препознатливо потекло, современо пакување и посилно присуство на домашниот и странските пазари. Чесниот пчелар кој произведува вистински и квалитетен мед ќе биде препознаен и заштитен, затоа што грижата за пчелите е грижа за иднината на македонското земјоделство“, порача министерот Серафимовски.

Мени за пристапност