Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска изврши исплата на 217.241.135 денари на 10.754 производители на градинарски култури.
Средствата се исплатени согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година, по основ на подмерката за директни плаќања по обработлива земјоделска површина наменета за производство на градинарски култури на отворено и во пластеници.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства со засеани и обрани површини со домати, пипер, лубеница, диња, тиква, грав, боранија, грашок, компир, краставици, корнишони, зелка, кељ, кромид, лук, праз, тиквички, зелена салата, брокула, спанаќ, карфиол, модар патлиџан, морков, целер, цвекло и пашканат.
Со денешната исплата продолжува реализацијата на финансиската поддршка за земјоделците и исполнување на обврските кон производителите. Овие средства претставуваат директна поддршка за ликвидноста на земјоделските стопанства и развојот на домашното градинарство.