Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Обезбедени 793,4 милиони денари за поддршка на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата „вранец“

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата денес донесе одлука со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензационите фондови. Со одлуката, постојната кредитна линија што се реализира преку Развојната банка добива конкретна намена – финансирање на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата „вранец“.
 
Одлуката е донесена пред почетокот на главниот откупен период, кога на откупувачите им се потребни средства за преземање на земјоделските производи, додека приходите од нивната продажба или преработка се остваруваат подоцна. На овој начин се создава финансиска основа откупот да се одвива навремено, а предадениот род да биде исплатен во утврдениот рок.
 
Вкупниот расположлив износ изнесува 793.481.723 денари. Од нив, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, а 553.481.723 денари за откуп на винско грозје од сортата „вранец“.
 
Барањата во рамките на секој од двата предвидени износи ќе се разгледуваат според редоследот на поднесување. Максималниот износ на поединечен кредит ќе изнесува до 130 милиони денари за откуп на винско грозје од сортата „вранец“ и до 30 милиони денари за откуп на оризова арпа.
 
Рокот за отплата на кредитите за откуп на оризова арпа е до шест месеци, а за откуп на грозјето до девет месеци. За двете намени е предвиден грејс-период до три месеци и квартална отплата. Каматната стапка е фиксна и изнесува еден процент годишно, без еднократна провизија за управување со кредитот.
 
Со оваа мерка Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дејствува навреме, пред почетокот на откупот, со цел да обезбеди поголема ликвидност за откупувачите, посигурен пласман и навремена исплата на производителите.

Мени за пристапност