Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, заедно со заменик-министерот Албрим Хоџа и државната секретарка Надица Џерковска, одржаа работна средба со претставниците на Делегацијата на Европската Унија, Стефано Елеро, раководител за соработка, Еваут Сандкер, раководител на одделот за операции, и Маргарита Делева, програмска менаџерка, на која се разговараше за модернизацијата на земјоделскиот сектор и европската поддршка за реформските процеси.
Посебно внимание беше посветено на дигитализацијата како значаен дел од унапредувањето на институционалното работење и услугите за земјоделците. Во разговорот беше нагласена важноста на поедноставните постапки и подоброто користење на податоците за планирање и спроведување на земјоделските политики.
Соговорниците се осврнаа и на поддршката од Европската Унија за јакнење на капацитетите на институциите и приближување на домашното земјоделство кон европските стандарди. Во тој контекст, се разговараше и за на програмата ИПАРД, како инструмент за поддршка на инвестициите во земјоделството и руралниот развој. Беше истакнато значењето на континуираната соработка со Делегацијата на ЕУ за поефикасно насочување на расположливата поддршка кон развојните потреби на секторот.
Министерот Серафимовски ја потврди определбата за европска интеграција, нагласувајќи дека реформите во земјоделството треба да донесат видливи придобивки за производителите. Во таа насока, усогласувањето со европските политики го поврза со создавање пофункционални институции, поголема предвидливост за земјоделските стопанства и подобри можности за нивен развој.