„Во Програмата за 2026 година воведовме посебна мерка, која во моментов е во фаза на доработка, со цел да бидат поддржани сите мали капацитети, истата е насловена како Мерка за директни плаќања на мали земјоделски стопанства“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во емисија на ТВ 24.
„Да појаснам, земјоделец кој имал 2 декари лозов насад и ги пријавил минатата година, а со новите измени минималниот праг е 0,5 хектари, преку оваа нова мерка ќе добие транзициски период. Во наредните една до максимум три години ќе продолжиме да ги поддржуваме истите два декари, со цел земјоделецот да има време да одлучи дали ќе ги зголеми своите капацитети на 0,5 хектари или ќе одлучи да не ги проширува, по што нема да остварува право на субвенции“, нагласи министерот.
Транзицискиот период ќе изнесува од една до три години, во зависност од секторот, бидејќи временската рамка е различна за различни производствени гранки.
„Никој во овој период нема да остане без финансиска поддршка. Обезбедуваме фер и постепена транзиција, со цел малите земјоделци да се прилагодат на новите услови“, потенцираше министерот Трипуновски.