Последната и претпоследната откупна сезона можам да ги оценам како едни од најуспешните досега, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за емисијата „Аграр“.
„Сликата во минатото беше трактори на улиците, негодувања и откупни цени кои беа далеку под денешното ниво. Денес имаме откуп на тутун каде што согласно квалитетот се оди на прва класа без одбитоци. Просечната цена на досега откупените околу 21 милион килограм тутун изнесува 419,84 денари“, нагласи министерот Трипуновски.
Тој потсети дека во текот на оваа година тутунопроизводителите добија и зелена нафта како мерка за стимулација и компензација на трошоците во производството. Дополнително, во Програмата беше вметната и мерка за површина, од 6.000 денари по хектар, што претставува уште еден дополнителен стимул, односно приход за тутунарите.
„Кога сè ќе се сумира, доаѓаме до износ од над 500 денари по килограм, што минатата година претставуваше рекордно достигнување“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека го следи гласот на тутунопроизводителите и дека кај нив има задоволство, но најави и дополнителни чекори за унапредување на секторот.
„По празниците ќе се работи на допрецизирање на одредени законски одредби во Законот за тутун и тутунски производи, со цел отстранување на недостатоците што ги воочивме во изминатиот период“, најави тој.
Министерот додаде дека ќе биде формирана работна група во која ќе учествуваат претставници од Сојузот на тутунари и од кај откупувачите, со цел наредната откупна сезона да биде уште порегулирана и поуспешна.