Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денеска се сретна со амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Паоло Палминтери, со кого разговараше за европската интеграција на земјоделскиот сектор и за можностите италијанското искуство да помогне во осовременувањето на домашните стопанства и примената на европските стандарди за производство и квалитет на храна.
Една од темите на разговор меѓу министерот и амбасадорот беше и примената на дигиталните технологии во земјоделството, кои се во функција на подобро планирање, навремено приспособување на климатските услови и зголемување на продуктивноста преку поефикасно користење на ресурсите.
На средбата беше нагласено дека за македонското земјоделство европската интеграција значи усогласување на правилата и зајакнување на улогата на институциите, кои преку прецизни постапки и стручна помош можат да им го олеснат на земјоделците и преработувачите приспособувањето кон барањата на ЕУ.
„Европските стандарди имаат практична вредност кога земјоделецот може да ги примени во своето стопанство, да го потврди квалитетот на својот производ и да го понуди на нови пазари. Соработката со Италија ни дава можност искуството во примената на овие стандарди да го доближиме до нашите производители“, истакна министерот Серафимовски.
Од страна на соговорниците заеднички беше оценето дека органското производство нуди развоен потенцијал кој може да им донесе дополнителен приход на домашните земјоделци преку пласман на пазари на кои се ценат потеклото на производот и начинот на одгледување.