Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски и директорот на ЈП Хидросистем „Злетовица“, Златко Стојановски, денес во Пробиштип потпишаа Договор за соработка меѓу двете институции, со кој се отвора патот за практично спроведување на грантот од 2 милиони американски долари, обезбеден од Светската банка. Грантот е наменет за подготовка на фазата 2 – наводнување и фазата 3 – производство на електрична енергија, како дел од идната инфраструктурна инвестиција проценета на околу 103,2 милиони евра.
„Со денешниот договор започнуваме конкретна работа за ажурирање и комплетирање на документацијата која е потребна проектот да влезе во следната инвестициска фаза“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Тој појасни дека во следните 18 месеци ќе се ревидираат техничките студии и инженерските решенија, ќе се зајакне документацијата за безбедност на браните и ќе се подготват еколошките, социјалните и тендерските документи за следните две фази од развојот на хидросистемот.
„Нашата задача е да обезбедиме квалитетна документација, целосна институционална подготвеност и проект способен навреме да премине во реализација. За таа цел државата ќе се вклучи со околу 27 милиони евра, средства што ќе ги опфатат трошоците за експропријација, ДДВ и други релевантни јавни давачки“, истакна министерот Серафимовски.
Министерот информираше дека со фазата 2 е предвидено наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште во Пробиштипско и Кратовско. Фазата 3 го опфаќа хидроенергетскиот потенцијал на системот, со вкупна проектирана моќност од околу 10 мегавати и очекувано производство од приближно 48 милиони киловат-часови електрична енергија годишно.
„За земјоделците од Пробиштипско и Кратовско, наводнувањето ќе овозможи производството да се планира според потенцијалот на земјиштето и потребите на пазарот, а не според количината на врнежи“, нагласи министерот Серафимовски.
Осврнувајќи се на придобивките, министерот истакна дека со ставањето на водата во функција на земјоделското производство се отвора простор за воведување нови култури, поефикасно користење на обработливите површини и развој на локални капацитети за откуп и преработка на земјоделски производи.
„Со целосното искористување на хидроенергетскиот потенцијал, „Злетовица“ ќе придонесува и за производство на чиста домашна електрична енергија и за поголема енергетска отпорност на државата. Наша одговорност е овој систем да го довршиме и водниот потенцијал на регионот да го претвориме во конкретна вредност за земјоделството, за енергетиката и за луѓето што живеат овде“, изјави министерот Серафимовски.