Започна потпишувањето на договорите за мерката за инвестиции во преработувачки капацитети од последниот повик за ИПАРД 2

08.04.2019 12:00:00


Од денеска започна склучувањето на договорите за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ од последниот повик за ИПАРД 2 програмата, кој заврши на крајот на јануари годинава. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска во МЗШВ ги потпишаа првите договори со три компании од земјоделскиот сектор. Проектите на трите компании кои денеска ги потпишуваат договорите, се однесуваат на инвестиции во преработка на овошје и зеленчук, млеко и млечни производи  и производство на свежо цедени сокови. Министерот Николовски посочи дека една од клучните политики на Владата е поддршката на преработувачката индустрија како гранка која ќе овозможи обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи и решавање на проблемите со вишоците производи, поради што изминатиот период и МЗШВ и Платежната агенција активно работеа на побрза обработка на решенијата и склучување на договорите.

„Ако во претходните години постапките беа долги и апликантите чекаа повеќе од 1 година за склучување на договорите, на овој повик кој заврши на крај на јануари денеска после два месеци ги склучуваме договорите. Тоа се должи на посветеноста на сите вработени и на зајакнатиот капацитет на Платежната агенција, кои активно работеа овој период и ја забрзаа постапката. Станува збор за крупни инвестиции во преработувачката индустрија, кои треба да се реализираат до средината на  октомври оваа година. Договорите со останатите компании чии што инвестиции се од различни земјоделски области, ќе се потпишуваат во текот на следните денови. Би сакал да потенцирам дека инвестициите што ќе се реализираат преку оваа мерка во голема мера ќе ја развијат преработувачката индустрија, ќе го раздвижат пазарот и ќе имаат голем удел во севкупното земјоделско производство. Сите овие инвестиции преку ИПАРД 2 програмата но и оние што ќе се реализираат преку Програмата за рурален развој ќе придонесат  за модернизација на капацитетите и за изградба на нови преработувачки капацитети, што крајно ќе влијае и врз развојот на вкупната економија, и ќе го зголемат уделот на земјоделството во вкупниот  економски раст“, изјави министерот Николовски.

Директорот на Платежната агенција Николче Бабовски потенцираше дека вкупната вредност на финансиската поддршка што овие три компании ќе ја добијат преку ИПАРД 2 програмата изнесува 315 илајди евра.

„Со максимална и професионална ангажираност на сите вработени направивме во најкраток рок да се обработат и да се потпишат договорите.Порано процесот на обработка траел подолго и за склучување се чекаше повеќе од година и половина. Сега за два месеци се обработија апликациите. Ова значи побрз пласман на европските средства до нашите корисници, претпријатијата од преработувачката индустрија  и земјоделците, со што ќе се намали дисбалансот кои се јавува на пазарот, тоа исто така со зголемената побарувачка на земјоделски производи за преработувачките капацитети ќе се овозможи и откупните цени да достигнат повисока вредност а со тоа и да се ивезуваат производи со поголема додадена вредност од Република Северна Македонија, што е од голем интерес на сите граѓани на нашата земја”, истакна директорот Бабовски.  

Претставниците на компаниите кои денеска ги потпишаа договорите позитивно ја оценија целата постапка за постпишување на договорите од апсект на брза обработка на апликациите, поедноставена процедура и брзо склучување на договорите, што како што изјавија претходно не било случај.

За мерката  3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ до Платежната Агенција пристигнаа 65 апликации со кои се побаруваат околу  15,4 милиони евра.  Во моментов тече обработката на апликациите за повикот за Мерка 1 „ Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства има пристигнато 1.099 апликации и овие апликанти побаруваат околу 17,2 милион евра.  Или, вкупно на располагање за двете мерки согласно ИПАРД 2 Програмата на располагање има 25 милиони евра.

Инаку од првиот повик за ИПАРД 2 програмата од склучени 950 договори, досега 794 ги завршиле инвестициите и доставиле барања за поврат на средства. 180 компании веќе целосно ја имаат добиено финансиска поддршка во вкупен износ од близу 2 милиони евра.

Share