Националната федерација на фармери (НФФ) со поддршка на Шведска и шведската развојна организација We effect, го организираа „Земјоделскиот форум за климатски промени“, на кој беа презентирани и дискутирани информации и релевантни статистики за влијанието на климатските промени врз земјоделството и руралните заедници во нашата земја.
„Преку изготвување на различни анализи, извештаи, мерки, програми можеме да делуваме да се ублажат последиците и влијанијата од климатските промени. Убедени сме дека знаењето, вештините и иновативноста во решавање на проблемите се исправни пристапи“, истакна Даниела Иротова Лазарева, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство која присуствуваше на настанот.
Иротова Лазарева во своето обраќање истакна дека природата не прави разлика помеѓу земјите и регионите. Климатските промени се глобален предизвик кој бара глобален одговор, но истовремено и локални решенија кои се адаптирани на специфицните услови. Еден од најголемите предизвици кој го носат климатските промени е пристапот до вода и управувањето со водните ресурси кои се клучни за обезбедување стабилност и одржливост на земјоделските производи. Со климатските промени, предизвикот за водоснабдување станува се поголем, и затоа мораме да инвестираме во паметно користење на водата, како и во изградба на инфраструктура за спречување на поплави и ефикасно складирање на вода. Нашите традиционални системи за наводнување, кои се прилагодени на новите климатски реалности, со години беа оставени на времето на заборавот, и се соочуваме со потребата од нивна санација, адаптација но и модернизација. Воведувањето на ефикасни, одржливи технологии за наводнување, како и имплементацијата на напредни методи за управување со водените ресурси, се клучни за обезбедувањето на стабилно земјоделско производство во услови на климатски промени. Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство активно работи на имплементација на политики кои ќе помогнат во подобрувањето на состојбата со водните ресурси, модернизација на земјоделските практики и поддршката на земјоделците во нивната адаптација на новите климатски услови.
Иротова Лазарева во својот говор ја потенцираше важноста во поттикнувањето на инвестиции во посовремени технологии кои ќе го подобрат капацитетот на нашето земјоделство да се носи со предизвиците што ги носи оваа климатска криза.
Во рамките на одржаниот форум беше презентирано и видеото „Без вода нема храна“ на Национална федерација на фармери (НФФ). Продуктивноста од самиот настан ќе биде презентирана со документ што ќе ги содржи сите заклучоци кои беа донесени, а истите се во насока на ублажување на последиците од климатските промени. Тој документ ќе биде доставен до сите засегнати и релавантни институции за креирање на политики и мерки во правилна насока.