„Земјоделскиот институт како научен институт кој што го ангажиравме изработи производна цена за двете најзастапени сорти, тоа се Вранец и Смедеревка. Зборувам за производна цена, за Вранецот изнесува 16,6 денари, а за Смедеревката 14,6 денари. И оваа производна цена е зголемена за 25% како добивка према лозарите и финалната цена која што треба да биде откупна цена во овој процес за Вранецот изнесува 20,8 денари за килограм, а за Смедеревката е 18,3 денари“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во емисијата “Daily click” на ТВ21.
„Морам да потенцирам дека овие цени се за 19 шеќерни единици кај Вранецот и 17 шеќерни единици кај Смедеревката. Секоја шеќерна единица која што ќе е во плус или во минус нормнално ќе биде вреднувана или одземена од оваа првична цена“, појасни министерот.
Трипуновски додаде дека со зголемувањето на цената од минатата година е доволен показател дека земјоделците ја поздравуваат оваа одлука.
„И ова е еден од начините како Министерството покажува дека навистина се грижи за оваа категорија на земјоделци. Со ова де факто ќе стимулираме и некој што е помлад да влезе во процесот на производство или да го наследи производството од неговиот родител или друг член од семејството“, изјави тој.
Тој посочи дека кога се зборува на тема на винско грозје може да се каже дека имаме сериозен пад на количините што се произведуваат. Има и сериозен пад на земјоделците кои што одгледуваат лозови насади.
„Првата причина е што во минатото во делот на Тиквешијата не се инвестираше во системите за наводнување, а грозјето е категорија на земјоделски производ кое што е многу поврзано со процесот наводнување. Ако вие немате доволна количина на вода имате намален род. А, намалениот род значи помала продажна количина према некоја винарска визба. Помалата количина значи помалку средства во однос на продажба. На крајот од математиката имате минус“, појасни министерот.
„Вториот сегмент е тоа што имаме задоцнети субвенции. Онаа поддршка која што државата треба да ја даде и да биде стимул, компезација на некаков губиток во моментот е со задоцнување и едноставно тука имаме сериозен удар врз земјоделците. Ние веќе пред 10-тина дена исплативме еден денар према лозарите кој што беше ветен уште минатата година.“, нагласи Трипуновски.
Тој додаде дека Министерството ќе работи да се зголемат количините на винското грозје и лозарите да бидат задоволни.