ЈАВЕН ПОВИК за прибирање на барања за финансиска поддршка за микро земјоделски производители на вино од Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година

03.03.2023 11:45:00


Согласно програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија" бр. 32/23), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објавува

ЈАВЕН ПОВИК

за прибирање на барања за финансиска поддршка за микро земјоделски производители на вино од Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година

 I. ПРЕДМЕТ

Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени согласно Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 282/22), раздел 14001 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, програма 3 – Земјоделство и рурален развој, потпрограма 34, ставка 464 – Разни трансфери во износ од 7.500.000 денари кои ќе се користат за доделување на неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема, основни средства и услуги кои имаат за цел: остварување на додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на вино.

II. ПРАВО НА УЧЕСТВО И УСЛОВИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ИСПОЛНАТ

Право на учество на јавниот повик имаат земјоделски стопанства:

- запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (во натамошниот текст: Министерството);

- се регистрирани како производители на вино во Регистарот на производители на вино при Министерството, со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно

За докажување на условите кои треба да се исполнат за учество на јавниот повик, кон Барањето (Прилог 1) корисниците задолжително треба да ги достават следните документи:

1. За правни лица:

• тековна состојба издадена од Централниот регистар не постара од еден месец;

• доказ од Централен регистар на Република Северна Македонија дека не е поведена стечајна и ликвидациона постапка не постар од еден месец;

• доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки не постар од еден месец;

• изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори (Прилог 2);

• деловен план (Прилог 3);

• понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план) и

• договор за користење на услуги од стручни лица (доколку барателот предвидува користење на таква услуга), освен во случај кога правното лице има вработен технолог

2.За физички лица:

• копија од важечка лична карта;

• доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки не постар од еден месец;

• изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори (Прилог 2);

• деловен план (Прилог 3 );

• понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план) и

• договор за користење на услуги од стручни лица (доколку барателот предвидува користење на таква услуга)

Проверката во регистрите на Министерството, по службена должност,  ја врши комисијата за постапување по поднесените барања за доделување на финансиска поддршка.

Право на учество немаат субјектите кои биле корисници на финансиска поддршка и им биле доделени средства од Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино од 2022 година.

III. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊА

Крајниот рок за доставување на барањата за финансирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

 

IV. ВИСИНА НА НЕПОВРАТНАТА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА

Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000,00 денари по корисник без вклучен ДДВ за следните намени:

- трошоци за набавка на опрема за производство на вино (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) во висина до 90% од висината на вкупната поддршка и/или

- трошоци за ангажирање на стручно лице (енолог) во висина до 10% од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.

 

V. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Финансиската поддршка согласно овој јавен повик и Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година (во натамошниот текст: Програмата), се остварува со поднесување на Барање до Министерството за неповратна финансиска поддршка, дадено во прилог на овој јавен повик. Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот. Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно  Програмата.

Барањето заедно со документите од делот II на овој Јавен повик се доставува во затворен плик преку пошта на адреса: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. Аминта трети број 2, 1000 Скопје или со предавање во архивата на министерството секој работен ден 9.00 до 15.00 часот.

На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ”, а под тоа „за јавен повик за прибирање на барања за финансиска поддршка за микро земјоделски производители на вино од Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година“.

Барањето, деловниот план и изјавата за двојно финансирање, за неповратната финансиска поддршка од Програмата се во прилог на повикот и може да се обезбедат преку веб страната на министерството: www.mzsv.gov.mk.

Приложената документацијата не се враќа.

VI. ПОСТАПКА И НАЧИН НА ИЗБОР

За постапување по поднесените барања за доделување на финансиска поддршка поднесени согласно овој јавен повик и програмата, од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство се формира Комисија, составена од претседател и четири члена (еден претседател од редот на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, двајца членови од редот на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден член од Агенцијата за храна и ветеринарство, еден член од Царинска Управа.

По пристигнување на поднесените барања согласно рокот утврден во делот III на овој јавен повик, комисијата ќе пристапи кон проверка на  доставените барањата по истекот на рокот за поднесување барања. Потоа комисијата со записник го утврдува точниот бројот на пристигнати барања и  утврдува колку баратели доставиле комплетна и навремена документација.

За барателите кои доставиле комплетна и навремена документација согласно Програмата и јавниот повик, комисијата ја проверува формалната исправност на барањата и документите и изготвува записник за избор на корисници. Во рамките на овој записник се  изготвува Листа на баратели по јавниот повик, кои ги исполниле условите за доделување на финансиска поддршка согласно Програмата и имаат уредна и комплетна документација подредени согласно рокот на доставување на комплетно барање врз основа на принципот „прв дојден, прв услужен“ во која е содржан и прифатливиот износ за финансиска поддршка.

Барателите кои не доставиле уредна, комплетна и навремена  документација и кои не ги исполнуваат условите од програмата нема да бидат наведени  во листата од овој дел и ќе бидат известени дека барањето им е одбиено.

Конечната одлука за распределба на средствата ја донесува министерот со Решение, на предлог на Комисијата, а врз основа на листата на баратели од овој дел.

Средствата за финансиска поддршка се доделуваат врз основа на склучен договор од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со секој корисник поединечно, за одобрените средства наведени во листата на баратели кои ги исполниле условите за доделување на финансиска поддршка, почнувајќи од првиот барател на листата па редоследно до исцрпување на средствата предвидени со Програмата.

Министерството, согласно Програмата, во случај кога искористеноста на средствата на еден од јавните повици не е целосна, средствата можат да бидат искористени за другиот јавен повик доколку по истиот има поднесено повеќе барања од расположливиот буџет.

Одобрените средства во вкупниот износ се исплаќаат авансно на сметката на корисникот согласно рокот утврден во потпишаниот договор.

Корисниците на средствата по исплатата на финансиската поддршка согласно склучениот договор треба да ја набават опремата за производство на вино и/или да ангажираат стручно лице (технолог за производство на вино), согласно роковите утврдени во деловните планови и договорот.

Корисниците на средствата до Министерството доставуваат Извештај за реализација на деловниот план пропратен со финансиски документи за извршени плаќања во рок од 45 дена од набавката на опремата од денот на потпишувањето на договорот за доделување на неповратна финансиска поддршка, како и други докази предвидени со договорот.

Документи за превземање

Прилог 1 вино
Прилог 2 вино
Прилог 3 вино
Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици