Повик за учество на тендер за Kонсултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија – Планирање на распределба на земјиштето и Основен Проект за интервенции во земјоделската инфраструктура во Чифлик

16.01.2023 16:50:00


Проектот финансиран од Европската унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) распиша јавен тендер (Референтен број: 2023/CSAPC/REUDD/120213) за обезбедување на ‘’Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија – Планирање на распределба на земјиштето и Основен Проект за интервенции во земјоделската инфраструктура во Чифлик“.

Активностите што треба да се спроведат како дел од овој тендер вклучуваат подготовка и имплементација на План за распределба на земјиштето и дизајнирање на интервенции во земјоделската инфраструктура во консолидационото подрајче Чифлик. Поконкретно, изведувачот треба да изврши процена на вредноста на земјоделското земјиште во Чифлик, согласно Законот за процена и Методологијата за вреднување на средствата во земјоделството; изготвување на План за распределба на земјиштето, по принципот на распределба со промена на границите, во согласност со Законот за консолидација на земјоделско земјиште; изготвување на Основен проект за рехабилитација/изградба на земјоделска инфраструктура во Чифлик, во согласност со Законот за градење, Законот за земјоделско земјиште и други релевантни закони; изготвување на Геодетски елаборат за посебни намени за консолидација како еден од основите за запишување на правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности; и обележување на мери и граници (околчување) на ново-формираните парцели во консолидационото подрачје.

Потенцијални понудувачи можат да бидат сите фирми регистрирани во Регистарот на даватели на услуги за консолидација на земјиште на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), кои поседуваат лиценца Б за проектирање издадена од Министерството за транспорт и врски (МТВ) на Северна Македонија, а се лиценцирани од МТВ за процена на недвижен имот или од МЗШВ за вреднување на средствата во земјоделството.

За да пристапат до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар - United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании ќе имаат право да учествуваат.  После успешна регистрација  компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал  (www.ungm.org/Account/Account/Login).

Краен рок за поднесување на електронска понуда за тендерот е 20 февруари (понеделник) 2023 година, најдоцна до 13:00 часот, по средноевропско време.

Повеќе информации:

Консолидационото подрачје Чифлик се наоѓа во општина Чешиново-Облешево, во Источниот регион. Подрачјето зафаќа 156 хектари (ха) земјоделско земјиште, расцепкани на 1.263 земјишни парцели, со направилна форма и просечна големина од 0,12 ха, во сопственост на 438 сопственици на земјиште. Чифлик се карактеризира со главно рамен терен со плодно обработливо земјиште и поволни природни услови за доминантното производство на ориз. Иницијативата за консолидација на земјиштето во Чифлик произлезе од локалните сопственици на земјиште, кои изразија интерес за консолидација на земјиштето до МЗШВ во 2017 година, а подрачјето беше избрано како подобно за консолидација во 2018 година, во рамките на ЕУ проектот МАИНЛАНД.

Како прва фаза во процесот на консолидација на земјиштето, беше спроведена Студија за изводливост (физибилити студија) за консолидација на земјиштето во Чифлик во периодот февруари - јули 2019 година. Студијата ги испита земјоделското земјиште и структурата на земјоделското производство во Чифлик, состојбата со сопственоста на земјиштето, сите моментални имотни и правни прашања, го оцени интересот и посветеноста на сопствениците на земјиштето да учествуваат во консолидацијата на земјиштето, нивните индивидуални преференци, како и локалните потреби за подобрување на земјоделската инфраструктура. Врз основа на деталната анализа, се оцени дека консолидација на земјиштето во Чифлик е изводлива и дека огромното мнозинство од регистрираните сопственици на земјиште се заинтересирани за процесот. Врз основа на физибилити студијата, следниот чекор ќе биде планирање на распределба на земјиштето во Чифлик, по принципот на распределба со промена на границите (Фаза II од процесот на консолидација) и дизајнирање на интервенции во земјоделската инфраструктура - рехабилитација/изградба на земјоделска инфраструктура (пристапни патишта, канали за одводнување и наводнување) во консолидационото подрачје (Фаза III од процесот на консолидација на земјиштето).

За ЕУ-проектот „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“

Надоврзувајќи се директно на резултатите од проектот МАИНЛАНД, овој проект има за цел да го поддржи МЗШВ во унапредување консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија, преку подобрување на националната политика за консолидација на земјиштето, вклучително стратешката, правната и институционалната рамка, како и во понатамошна имплементацијата на Националната Програма за консолидација на земјиштето, преку целосно спроведување на проекти за консолидација во две подрачја, заедно со изградба на земјоделска инфраструктура. Буџетот на проектот е 1,2 милиони евра - финансиран преку ЕУ ИПА II 2019 Инструментот (1 милион евра) и придонес на ФАО (0,2 милиони евра). Проектот ќе се реализира во период од 42 месеци, од август 2022 година до јануари 2026 година.

 

 

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици