Информирање на јавноста со цел предупредување на правните и физички лица кои сакаат да се стекнат со закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост

02.06.2022 18:30:00


Ова информирање на јавноста има за цел да ги предупреди правните и физичките лица кои сакаат да се стекнат со закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост да не подлегнуваат на понуди од лица кои нудат земјоделско земјиште во државна сопственост на брз начин и без спроведување на постапки пропишани со законот за земјоделското земјиште, туку за сите информации да се обратат до надлежната организациона единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство-Секторот за управување, располагање и продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, која ќе им ги даде сите потребни информации за законските постапки за добивање на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп или пак да ја користат веб страницата на Министерството каде се објавуваат сите јавни огласи и јавни повици за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста и земјоделските стопанства дека во изминатите месеци се забележани случаи на организирана и свесна измама на штета  на правни и физички лица кои сакаат да се стекнат со право на закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Измамата се врши преку фалсификување на потписите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство кои биле на функција во овој период, а  кои согласно законот за земјоделско земјиште се eдинствено надлежни за склучување на договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Освен потписите на министрите, фалсификувана е и содржината на договорите за закуп, а истите не се архивирани во архивата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ваквите инкриминирачки дејствија се пријавени во надлежните институции за откривање и гонење на сторители на кривични дела и очекуваме во најбрз можен рок да се откријат сторителите и да се покренат соодветни кривичноправни постапки.

Share