Доделени договорите во вредност од 33,5 милиони денари за финансиска поддршка на малите винарии

21.05.2022 18:00:00


Денеска, на Школка во Градскиот парк, Скопје се одржа настан во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по повод доделување на договорите за финансиска поддршка на малите винарии. На настанот присуствуваа малите семејни винарии регистрирани во Регистарот на производители на вино, кои ги презентираа своите вински брендови пред гостите и посетителите во паркот. Сите присутни имаа можност да уживаат во дегустација  на македонските вина и да се запознаат со мерките и политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Денеска за нас е посебен ден. Исполнивме уште едно ветување кое го дадовме за време на Ковид кризата, а тоа е поддршка за малите семејни винарии. Денеска доделуваме 59 договори за поддршка на малите семејни винарии во вредност од 33,5 милиони денари. Тие добиваат неповртен грант до 10.000 евра по корисник, за поддршка во опрема и нови инвестиции“ изјави министерот Николовски.

Интересот за оваа мерка беше голем, аплицираа 63 мали винарии, а условите ги исполнија 59. Средствата за финансиска поддршка на овие 59 мали винарии, се обезбедени од Буџетот на МЗШВ.

„Пред три години кога одлучивме да го измениме Законот за вино, имавме цел да им помогнеме на малите семејни  производители на вино, да можат да го зголемат производството и да можат легално да го продаваат виното произведено во домашни капацитети. Уште тогаш  знаевме, дека носиме мерка која ќе даде вакви резултати!  Денес на винската карта имаме многу нови брендови, многу нови вкусови, богатство од ароми и комплексни вина произведени од домашно македонско грозје, токму во малите семејни винарии. Споредено со периодот пред измената на Законот за вино, кога биле регистрирани вкупно 30 мали винарии, по измената нивнот број е значително зголемен. Само за овие две години и покрај кризата, во Регистерот на производители на вино се запишале нови  70 мали винарии со капацитет до 50.000 литри, од кои 11 правни и 59 физички лица. Ова се рекордни бројки! Ова е вистинскиот доказ, дека мерката дала огромен резултат за само две години и тоа во услови на светска здравствена криза“ потенцираше министерот Николовски и дополни дека ваквиот резултат не е само наш успех, ова е заеднички успех на министерството и малите винарии.

„Тие имаа идеја и упатија барање до нас, а ние имаме обврска да го слушаме гласот на сите земјоделци и да постапуваме согласно нивните барања. Така стигнавме заедно до денешната бројка. И тоа не е „само бројка“, тоа е широка лепеза на нови вински брендови, зголемена винска понуда, зголемен вински туризам, мотивирани семејства во чија традиција е производството на вино“ рече Николовски.

Непобитен е фактот за високиот квалитет на македонските вина. Во нашата земја се произведуваат комплексни вина со изразена ароматичност и карактер, кои на сите вински саеми добиваат награди и признанија.

Македонското вино е дел од светската винска мапа, а ние сме класифицирани како винска земја. Виното е еден од нашите најважни стратешки производи, заедно со лозарството придонесува со 17% -20% од бруто земјоделскиот производ. Покрај тоа, виното е на прво место според извозот на алкохолни пијалоци, а вториот најважен производ, после тутунот во однос на извозната вредност на земјоделските производи.

„Бидете извор на мотивација за сите кои традиционално произведуваат вино во домашни услови, а сеуште не се регистрирани. Нека растат бројките и понатаму. А ние остануваме да бидеме ваша поддршка, секогаш тука за вас!“ посочи Николовски

Министерот Николовски упати честитки кон сите добитници на грант до 10.000 евра и им посака новите инвестиции да им донесат уште поголеми резултати и уште поголем профит.

Share