Земјоделците до крајот на годинава можат да поднесат барања за легализација на фармите

23.11.2018 12:29:00


До крајот на годинава земјоделците можат да достават барања за легализација на изградените објекти, фарми на градежно земјиште. Со измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, под надлежност на Министерството за транспорт и врски, рокот за легализација на дивоизградените објекти е продолжен за една година. Барањата за легализација треба да се поднесат во општините на живеење.

Продолжувањето на рокот е со цел да им се излезе во пресрет на големиот број на граѓани, вклучително и на земјоделците, кои досега не ја завршиле постапката за легализација. Досега бројот на земјоделските стопанства и чии што објекти се легализирани е исклучително мал и поголем број од истите ја немаат искористено можноста која ја имаше понудено законот. Нерегулираниот статус на објектите за земјоделска намена на градежно земјиште негативно влијае на можноста за модернизација и реструктуирање на земјоделските стопанстава кои се занимаваат со сточарство и ги оневозможува стопанствата во користење на државната финансиска помош за земјоделството.

Можноста за легализација на фармите е од голема важност за земјодлците. Со стекнување имотни листови, самите фарми ќе добијат и финансиска вредност, која што земјоделците ќе можат да ја искористат за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на фармите. Воедно, со легализацијата ќе можат да остварат право за аплицирање за мерките од ИПАРД програмата и од Националните програми, што ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството.   

Според Законот за земјоделско земјиште, право за легализација имаат објекти за примарна обработка на земјоделски производи, односно градби наменети за одгледување на добиток и риби, за ветеринарно здравство и здравствена заштита на луѓе, за сместување на опрема за одржување на квалитетот на водата и животната средина, лаборатории, за преработка на примарни земјоделски и сточарски производи и риби, за сместување на опрема за следење на квалитетот и безбедноста на примарните сточарски и земјоделски прозиводи и на производите добиени од нивна преработка, за сместување и одржување на земјоделска механизација, приклучна опрема и други превозни средства и опрема, настрешници, за складирање, физичко обезбедување, оградување на објекти за примарна обработка на земјоделски производи, прием, чување и пакување на примарни земјоделски и сточарски прозиводи и храна за животни, за администрација поврзана со замјоделската дејност, резервоари за вода, продажен простор за прозиводите добиени од земјоделската дејност, за времено сместување, исхрана, едукација, рекреација и продажба на производи за потребите на домаќинставта на лицата ангажирани во производството на примарни и преработени земјоделски и сточарски производи, за производство на вино, собирни центри за млеко, печурки и лековити растенија, кланички капацитети, за аутопсија на мртов добиток, крематориум за мртов добиток, пречистителни станици, за хидромелиоративни работи и градби наменети за уредување на земјоделското земјиште.

Share