На годинешната меѓународна министерска конференција на која домаќин е словенечкото министерство за земјоделство, шумарство и храна, официјално учество зема и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија со делегација која ја предводеше заменик-министерот Трајан Димковски.
Тема на овогодинешната министерска конференција беше „Жените и нивната позиција во руралните подрачја“. Во своето обраќање на конференцијата, заменик-министерот ја презентираше успешната реализација на мерката 115 од програмата за рурален развој наменета за руралните жени и низата активности кои Министерството ги презема за подобрување на статусот на жените во руралните средини.
Република Словенија која тековно претседава со Европската Унија е силен поддржувач и искрен пријател на нашата држава, особено во областа на земјоделството и руралниот развој. Во рамки на посетата беше реализирана билатерална средба со министерот за земјоделство на Република Словенија, господинот Јоже Подгоршек на која учество зема и амбасадорката на Република Северна Македонија во Словенија, госпоѓа Сузана Зеленковска. Словенија даде сериозна помош и придонес во гаснењето на пожарите кои се појавија во нашата држава, за што заменик-минстерот искажа голема благодарност во името на Владата и граѓаните на Република Северна Македонија. Билатералната соработка на нашите две држави е тековна и успешна. Изминатиот период со комплетирање на акцискиот план 2019-2020 се реализираа низа активности за заедничко спроведување на реформи за институционално зајакнување на секторот земјоделство со помош на Република Словенија. На средбата министерот Подгоршек и заменик-министерот Димковски го договорија потпишувањето на новиот Акциски план за соработка помеѓу двете министерства за периодот 2021-2024 кој беше договорено да се реализира на претстојниот Форум за земјоделска политика во Република Србија, во октомври оваа година.
Во рамки на официјалната посета на Словенија, делегацијата учествуваше и на свеченото отворање на меѓународниот саем за земјоделство и храна АГРА 2021, каде нашата држава беше земја-партнер во 2018 година. Овогодинешниот саем кој е 59-ти по ред земја партнер беше Република Словенија. Во присуство на низа делегации, саемот со поздравен говор го отвори претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.
Република Серверна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство останува силно посветена на европската агенда за домашното земјоделство.