Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, денеска одржа пресконференција во големата сала на МЗШВ, по повод набавката на нова лична заштитна опрема за потребите на Шумската полиција.
Шумската полиција, која функционира во рамките на Министерството, како овластени службени лица со посебни законски овластувања, после 12 години доби нова лична заштитна опрема.
Секторот Шумска полиција вработува 383 лица од кои 334 Овластени службени лица: командири, заменици командири и шумски полицајци и 49 административни службеници.
„Сите Шумски полицајци, најпрвин ќе бидат задолжени со полувисоки чизми за чија набавка беше спроведена постапка за јавна набавка од страна на МЗШВ. Тендерската постапка е успешно завршена и еве денеска пред вас е изложен моделот кој ја помина нашата интерна контрола на квалитет, по што во следниве неколку дена ќе следи нивно дистрибуирање до сите Шумско полициски станици на ниво на Република Северна Македонија. Тоа е првиот чекор од набавката, а во процес на реализација е и набавката на нови летни и зимски униформи со кои шумските полицајци ќе бидат задолжени најдоцна во март следната година“ изјави министерот Хоџа.
Набавката на опрема за лична заштита е во износ од над 10 милиони денари, при што за набавка на чизми се искористени 2.5 милиони денари, а остатокот од сумата е наменет за набавка на нови униформи.
Министерот потенцираше дека МЗШВ со оваа набавка ја спроведува законската обврска која подразбира да се обезбедат сите услови за безбедност и здравје при работа на вработените. Шумската полиција своите работни задачи ги извршува на терен, а една од мерките за заштита од ризик на работно место е да имаат соодветна лична заштитна опрема односно обувки и униформи.
Личната заштитна опрема треба да ги исполнува стандардите на Европската унија како и меѓународните прописи во однос на дизајнот и производството, а посебно во однос на безбедноста и здравјето нa вработените. Набавените чизми се токму такви согласно стандардите кои ги пропишува европската регулатива, а тоа ќе биде запазено и за униформите.
На денешниот настан, министерот Хоџа првите чизми симболично ги подели на шумските полицајци кои беа присутни, а останатите ќе бидат дистрибуирани до Шумско полициските станици во следните неколку дена.
Министерот Хоџа искажа задоволство од резултатите на работењето на Шумската Полиција, а тоа е факт кој го потврди и Светската царинска организација и Интерпол. Неодамна Република Северна Македонија учествуваше во меѓународната операција THUNDER 2020, организирана и координирана од Светската царинска организација и Интерпол, со главен фокус на борбата против криминалот со дивата флора и фауна и шумите. Во операцијата учествуваа и Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Операцијата е завршена со постигнати високи резултати. Шумската полиција и Министерството за внатрешни работи реализираа вкупно 118 заплени на огревни дрва, од кои 91 од страна на Шумската полиција, 2 од страна на Министерството за внатрешни работи и 25 заплени во соработка на двете институции. Беа запленети товарни и патнички моторни возила, трактори, приколки и запрежни коли како и рачни моторни пили и секири. Против вкупно 110 лица поведени се 21 кривична постапка и 89 прекршочни постапки поради напад на службени лица и незаконска сеча, транспорт или складирање на огревни дрва.
Светската царинска организација и Интерпол оваа операција ја посочија како потврда за опасностите со кои секојдневно се соочуваат припадниците на Шумската полиција.
Честопати, тие се изложени на висок ризик, некогаш дури и по однос на нивниот живот, бидејќи се соочуваат со организирани криминални групи.
Шумската полиција најсовесно и одговорно ги извршува работните задачи и огромен е нивниот придонес во спречувањето на незаконската сеча на нашите шуми.
На вчерашната седница Владата ја усвои Информацијата за заштита и унапредување на работничките права преку Колективен договор на Овластените службени лица во Шумската Полиција. Со овој договор, после 22 години ќе се зголемат платите и правата на Шумската Полиција.
Министерот Хоџа им се заблагодари на Шумските полицајци, им честиташе за нивната успешна работа, истовремено ги охрабри да продолжат храбро во борбата против криминалот со дивата сеча.
Настанот беше организиран согласно протоколот за организирање на настани во услови на пандемија, утврден од страна на Владата на РСМ.