РАСЦЕПКАНОСТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ – НАЈГОЛЕМ СТРУКТУРЕН ПРОБЛЕМ
Малата површина на земјоделско земјиште по стопанство од 1,8 ха во просек и прекумерната расцепканост на истото на 5 или повеќе просторно одалечени парцели е најголемот структурен проблем со директно негативно влијание на конкурентноста на македонското земјоделство. Пoeдинечните парцели со просечната големина помеѓу 0,25 и 0,6 хектари честопати се без пристап до наводнување и одводнување и соодветна патна инфраструктура.
Директен резултат од неповолната структура на земјиштето е ограничениот обем на производство, зголемените трошоци за гориво за транспорт од една до друга парцела, неможноста за примена на современа технологија, итн, што ги лимитира вкупните приходи од земјоделството и го спречува реализирањето на развојните планови.
НАЦИОНАЛНИ ПОЛИТИКИ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ
Во насока на справување со неповолната структура на земјоделското земјиште во државата, Владата на Република Македонија со донесување на Националната стратегија за консолидација на земјоделското земјиште за периодот 2012-2020 година започна со воведување на активни политики на консолидација на расцепканите парцели. Во досегашниот период се создадоа сите правни и инситуционални основи за спроведување на политиките преку донесување на Законот за консолидација на земјоделското земјиште и подзаконските акти и со формирање на посебен сектор за консолидација во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Првите консолидациони проекти согласно новиот закон започнаа да се реализираат во 2014 година во село Егри, општина Битола и во Општина Конче со поддршка обезбедена од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Во тек е реализација на втората фаза од Националната стратегија за консолидација на земјоделско земјиште во која е предвидено започнување на поголем број посложени проекти на консолидација на поголеми површини и во повеќе места од државата со вклучување на сериозни интервенции во полската инфраструктура. Реализацијата на оваа фаза е финансиски и технички поддржана од страна на ИПА инструментот на Европската унија и ФАО преку проектот „Воведување на националната програма за консолидација на земјиште - MAINLAND“ спроведуван од страна на ФАО. Проектот треба да помогне во започнување на конкретни консолидациони проекти во подрачја избрани од првично селектираните 24 потенцијални локации.
ШТО Е КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕ?
Консолидацијата на земјиште е единствениот начин да се реши прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште. Тоа е процес на групирање на земјишните парцели со цел да се окрупнат и да се подобри нивниот облик, да се оптимизираат земјоделските имоти и да се воспостави неопходната инфраструктура, а во исто време да се заштити животната средина.
Како резултат ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува една или што помал број на земјишни парцели кои имаат правилна форма, пристап до пат и канали за наводнување и одводнување. Ова директно ја зголемува ефикасноста во земјоделското производство и придонесува за подобрување на животниот стандард на руралните заедници.
КАКО СЕ ИДЕНТИФИКУВААТ ОБЛАСТИТЕ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ?
Консолидацијата е демократски и транспарентен процес воден од самите учесници. Поради тоа јасно искажаниот интерес и свесност за потребата за окрупнување од страна на учесниците е од особено значење за успех на процесот и се смета за еден од најбитните критериуми при избор на подрачјата за окрупнување на земјиште.
Консолидација на земјиштето се спроведува во точно дефинирана област која покрива земјоделско земјиште од едно или повеќе села каде што земјоделците искажале интерес за тоа и каде има оправдана потреба и услови за подобрување на постојниот просторен распоред на парцелите.
Постапката може да биде иницирана од страна на министерството по службена должност или на барање доставено до МЗШВ од најмалку 10 сопственици на земјоделско земјиште во подрачјето во кое се предлага консолидација.
Врз основа на физибилити студија за исполнување на критериумите што треба да ја покаже оправданоста за спроведување на консолидација и владина одлука, започнува демократскиот процес на усогласување на различните мислења на учесниците по однос на новиот распоред на пацелите. Самиот процес на консултации и јавни увиди е олеснет со посредство на стручни лица.
Еден од клучните принципи на консолидацијата е дека сопственикот на земјиштето не смее да добие помала вредност во однос на вредноста која ја внел на почетокот на процесот.
Проценката на вредноста на земјишните парцели ја врши овластен проценител, а новиот План за распределба на земјиштето се усвојува од страна на Собранието на учесници во консолидацијата. Трошоците за постапките се покриени од јавни извори на финансирање.
Повеќе детали за постапките за консолидација може да добиете од Секторот за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели при МЗШВ
тел .: +389 2 3134 477 (локали 109,110,111)
e-mail: info@mzsv.gov.mk
Проект ‘’Унапредување на консолидацијата на земјиште во Северна Македонија’’ (2022-2026):
www.fao.org/in-action/enhancing-land-consolidation/mk
Проект ‘’Воведување на Национална Програма за консолидација на земјиште’’ (МАИНЛАНД) (2017-2022):
www.fao.org/in-action/mainstreaming-national-land-consolidation-programme/mk/
Проект за национална Програма за Консолидација на Земјиште (MAINLAND)
Консултативна работилница со засегнати страни за подготовка на новата Национална стратегија за консолидација на земјиштето 2024-2034
13/02/2024
Проектот финансиран од Европската унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и имплементиран од ФАО во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, организираше Работилница за консултација на засегнатите страни за подготовка на новата Национална стратегија за консолидација на земјиштето за 2024-2034 година. Работилницата се одржа на 13 февруари 2024 година, во хотелот Холидеј Ин во Скопје.
На работилницата присуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развој на земјоделството, Здружението на земјоделци на Северна Македонија, Националната федерација на фармери, Факултетот за градежништво, Факултетот за земјоделски науки и храна, граѓанското општество и Делегацијата на Европската унија во Скопје.
Дискусиите беа фокусирани на нацрт-целите и проширената рамка на идната Стратегија. Овој заеднички дијалог имаше за цел да обезбеди дека ставовите и увидите на сите засегнати страни ќе бидат земени предвид во следните фази на подготовката на Стратегијата.
Главните теми на работилницата беа преглед на процесот на изработка на Стратегијата, тековната состојба на земјоделскиот сектор во Северна Македонија, искуствата од претходните напори за консолидација на земјиштето и предложените опции за политики за претстојниот стратешки период. Работните групи, водени од експерти од проектниот тим на ФАО и претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа организирани да се фокусираат на конкретни елементи од суштинско значење за развојот на Стратегијата, како што се правната рамка, институционалното зајакнување, финансиското и стратешко планирање, подигнување на јавната свест, градење на капацитети и други политики поврзани со консолидацијата на земјиштето.
Работилницата покажа посветеност кон инклузивно донесување одлуки, осигурувајќи дека идната Национална стратегија за консолидација на земјиштето во Северна Македонија ќе ја рефлектира состојбата и приоритетите на земјоделскиот сектор во земјата. Со вклученост на различни засегнати страни, се изработува Стратегија насочена кон одржлив и инклузивен земјоделски развој на земјата.
ЕУ, ФАО и МЗШВ организираа регионални консултации за финализирање на нацрт-Националната стратегија за консолидација на земјиштето за 2024-2034 година
13/06/2024
Проектот финансиран од ЕУ „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и имплементиран од ФАО во тесна соработка со МЗШВ, го заврши консултативниот процес на регионално ниво за финалниот Нацрт на Националната Стратегија за консолидација на земјиштето за 2024-2034 година. Оваа недела беа организирани четири регионални работилници во Свети Николе и Кочани на 10 јуни, Струмица на 11 јуни и Битола на 12 јуни 2024 година.
Овие работилници имаа за цел да ја претстават Нацрт-стратегијата и да соберат повратни информации од засегнатите страни и земјоделците од Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Пелагонискиот регион. Присуствуваа околу 60 учесници, меѓу кои земјоделци, претставници од локални земјоделски организации, земјоделски задруги, локални самоуправи, подрачни единици на МЗШВ, Националната агенција за поддршка на земјоделството, Јавното претпријатие за стопанисување со пасиштата, локални акциони групи и приватни геодетски компании.
Учесниците беа запознаени со стратешките цели и плановите за имплементација на новата Стратегија, кои ја опфаќаат правната рамка, институционалното зајакнување, градењето капацитети, финансиското и стратешкото планирање, јавната свест и теренската имплементација на проектите за консолидација на земјиштето во следната деценија. Дополнително, беа споделени минати искуства и научени лекции. Земјоделците кои претходно учествуваа во напорите за консолидација на земјиштето дадоа увид и разговараа за предизвиците, обезбедувајќи вредни сознанија за идните проекти. Целта беше да се обезбеди земјоделците и локалните засегнати страни да бидат информирани за претстојните планови и придобивки од политиката за консолидација на земјиштето за следните десет години.
Процесот на развој на новата Национална Стратегија за консолидација на земјиштето 2024-2034 година започна во февруари 2023 година со формирањето на Постојаната советодавна група за консолидација на земјиштето (ПАГ), при што членовите беа информирани за развојот на Стратегијата, врз основа на искуствата од претходната Национална стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Во април 2023 година, со настан официјалното започнa развојот на стратегијата, проследено со три состаноци на ПАГ и состаноци со работната група за земјишна политика при МЗШВ. Во февруари 2024 година се одржа една националан консултативна работилница во Скопје, како и осум консултативни состаноци со претставници на различни сектори при МЗШВ. Во март 2024 година, се одржа и работилница на која се изготви SWOT анализа и се идентификуваа приоритетни активности за Акцискиот план на Стратегијата. Во мај 2024 година, нацрт Стратегијата беше доставен до засегнатите страни за коментари во писмена форма.
По овие консултации, Стратегијата ќе биде финализирана со поддршка од Проектот. Собраните коментари од засегнатити страни ќе бидат интегрирани во финалната верзија на документот. Се очекува финализираната Стратегија да биде доставена до Владата на усвојување до крајот на јуни 2024 година.
Водич за консолидација на земјоделско земјиште
ИНФОРМАТИВНИ БИЛТЕНИ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ВО ОДДЕЛНИ КОНСОЛИДАЦИОНИ ПОДРАЧЈА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
МАИНЛАНД ПРОЕКТЕН БИЛТЕН
Повеќе детали за постапките за консолидација може да добиете од Секторот за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели при МЗШВ
тел .: +389 2 3134 477 (локали 109,110,111)
e-mail: info@mzsv.gov.mk