Мисија
Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ) обезбедува напредни и квалитетни лабораториски услуги за дијагностицирање и детерминирање на штетни организми, биолошки тестирања, испитување на физички и хемиски својства на производите за заштита на растенијата, резидуи од пестициди во растително производство, анализа на активна супстанца, анализа на семенски и саден материјал, земање примероци од семе и параметри за одредување на квалитет на земјоделски производи.
Надлежности
Надлежностите на Државната фитосанитарна лабораторија се определени согласно член 78 од Закон за здравјето на растенијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2005, 81/2008, 20/2009, 57/2010, 17/2011, 148/2011, 69/13, 43/14, 158/14, 149/15 и 39/16) и член 60-а од Закон за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/06, 89/08, 171/10, 53/11, 69/13, 187/13, 43/14, 129/15 и 39/16).
Директор на ДФЛ е проф. д-р. Сузана Јордановска назначен од Влада на Република Македонија.
Организација на Државна фитосанитарна лабораторија
Државна фитосанитарна лабораторијата е организирана во три сектори:
- Сектор за растителни болести и штетни организми
Во Секторот за растителни болести и штетни организми се вршат специјализирани лабораториски испитувања на растенија, растителни производи и други објекти за дијагностицирање и детерминирање на растителни болести и штетни организми. Статутарните надлежности се лабораториски испитувања согласно усвоени меѓународни и EPPO протоколи.
Во секторот има две одделенија:
- Одделение за растителни болести
- Лабораторија за вирусологија
- Лабораторија за бактериологија
- Лабораторија за микологија
- Лабораторија за молекуларна дијагностика
- Одделение за штетни организми
- Лабораторија за нематологија
- Лабораторија за ентомологија
- Сектор за испитување на семе, саден материјал и сортна чистота
Секторот за испитување на семе, саден материјал и сортна чистота извршува контроли за квалитет (чистота, ’ртност, влага и маса на 1000 зрна семе) согласно Закон за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и подзаконските акти кои произлегуваат од истиот, усогласени со Интернационалните правила за тестирање на семето (ISTA).
По извршените анализи за испитување на квалитетот на семенскиот и саден материјал согласно добиена акредитација, Државна фитосанитарна лабораторија издава „Сертификат за квалитетот на семето на земјоделски растенија“.
Во секторот се вклучени две одделенија:
- Одделение за испитување на семе, саден материјал и сортна чистота
- Просторија за припрема на примероците за анализа
- Лабораторија за испитување на влага на семе и квалитет на земјоделски производи
- Лабораторија за ’ртност, влага АМ, ТТ-тест и квалитет на земјоделски производи
- Просторија за чување на анализирани мостри семе до 1 година
- Одделение за административно техничка поддршка
Одделението за административно техничка поддршка има функција од административен и техничко-оперативен карактер во врска со активностите на ДФЛ и обезбедува административна поддршка на директорот на ДФЛ (сметководство, комуникација, организација, итн.)
- Сектор за аналитичка хемија и анализа на ѓубриња
Секторот за аналитичка хемија и анализа на ѓубриња реализира активности во лабораторијата за контрола на квалитетот на производите за заштита на растенија и одредување резидуи од пестициди во примарното земјоделско производство.
Статутарните надлежности на секторот се определени согласно барањата на ЕУ Директивата 91/414 и ЕУ Директивата 788-2012 и вклучуваат:
- испитување на содржината на активна супстанца во производите за заштита на растенија
- определување резидуи од пестициди во храна од растително потекло
Во секторот се вклучени две одделенија:
- Одделение за аналитичка хемија
- Припремна просторија за пестицидни формулации (ПЗР)
- Лабораторија за контаминенти и резидуи од пестициди, лабораторија за вино и контрола на квалитет
- Одделение за анализа на ѓубриња
Услуги кои се бараат и добиваат од државната фитосанитарна лабораторија
- Сектор за растителни болести и штетни организми
Утврдување на здравствената состојба на растенијата и дијагностика на вируси, бактерии, габи, фитоплазми, нематоди и инсекти на донесен примерок од:
- Семенски и меркантилен компир
- Овошни видови и винова лоза
- Градинарски култури одгледувани на отворено и во затворен простор
- Тутун и други индустриски растенија
- Житни растенија
- Фуражни растенија
- Маслодајни растенија
- Украсни растенија
- Шумски растенија
- Дрвен материјал
- Почва
- Семе и саден материјал
Во 2018 година зајакнати се капацитетите на ДФЛ со набавка на нова софистицирана опрема (Real Time PCR, систем за електрофореза, вортекс - мешалка, бинокуларен стерео микроскоп со камера за лабораторија за ентомологија, бинокуларен стерео микроскоп со камера за лабораторија за нематологија, техничка вага и автоматски пипетори со променлив волумен) согласно барањата на новите EPPO протоколи, за спроведување на годишните програми за мониторинг на PD и FVA, редовни контроли на BIP од страна на инспекциските служби, приватни оператори со земјоделски производи и нивна обработка и контрола на квалитетот на семенскиот материјал на земјоделски растенија.
Сектор за семе, саден материјал и сортна чистота
- Испитување на квалитетот на семето кај земјоделски растенија - аналитичка чистота на семе (%), влага во семе (%), `ртност на семе (%) и маса на 1000 зрна семе (gr)
- Биохемиско испитување на виталноста на семето (топографски тетразол тест)
- Пресметковна процедура за одредување содржина на сок, растворливи суви материи со рефрактометар во Brix°, маса изразена во (g), пречник изразен во милиметри (mm) и цврстина изразена во килограми (kg)
- Метод за определување на процентот на влага, протеини, влажен глутен во брашно, одредување на влага, протеини, седиментација по Zeleny во семе од житарки, определување на протеини и влага во ориз, определување содржина на масла, протеини и влага (на мелени зрна и на цели зрна) во пченка, определување на протеини и влага во сточен грашок, определување на масла и влага во маслодајна репа, определување на протеини, влага и масла во соја со FOSS Infratec1241 Denmark
- Определување на густина на големо изразена во хектолитарска маса во житарки
- Стандарден метод за одредување на материи, со исклучок на основни жита со неоштетен квалитет
- Сектор за аналитичка хемија и анализа на ѓубриња
- Анализа на активна супстанца во производи за заштита на растенијата HPLC/DAD и GC/FID
- Детекција и квантификација на над 400 резидуи од пестициди во храна од растително потекло (овошје, зеленчук, нивни преработки, вино, бебешка храна) анализирани со LC/MS/MS и GC/MS/MS
- Детекција и квантификација на остатоци од поларни пестициди во храна од растително потекло - glyphosate, поединечни методи (singlе methods) LC/MS/MS и GC/MS/MS
- Анализа на резидуи од дитикарбамати во храна од растително потекло
- Анализа на микотоксини во житарки, брашно и сточна храна
- Определување на параметри во вино, производи од грозје и винo со FOSS WINESCAN SO2 анлизатор и тоа:
- Параметри за анализа на вино: вкупни полифеноли, глицерол, глуконска киселина, сорбинска киселина, CO2, лимонска киселина, глукоза, фруктоза, редуцирачки шеќер, испарливи киселини, млечна киселина, винска киселина, густина, вкупни киселини, етанол, јаболкова киселина, pH, глукоза/фруктоза, глукоза во полусуво вино, фруктоза во полусуво вино, глукоза/фруктоза во полусуво вино, редуцирачки шеќери во полусуво вино, абсорбанца 420 nm, абсорбанца 520 nm, абсорбанца 620 nm, слободен сулфур диоксид, вкупен сулфур диоксид и вкупна киселост
- Параметри за анализа на вино во ферментација: јаболкова киселина, испарливи киселини, pH, редуцирачки шеќери, вкупни кислеини, густина, CO2, глукоза/ фруктоза и етанол
- Параметри за анализа на шира: глукоза/фруктоза, brix, густина, вкупни киселини, испарливи киселини, винска киселина, јаболкова киселина, pH, екстракт, редуцирачки шеќер, фруктоза, глукоза, амонијак, алфа амино азот, калиум, глуконска киселина, етанол, глицерол, млечна киселина, Grey Rot (A), Grey Rot (B), Acid Rot, ферментативна активност и Lactic Rot
- Анализа на биогени амини во вино LC/MS/MS
- Анализа на органски киселини во вино HPLC/DAD
- Анализа на макро и микро елемнти во вино со ICP/MS: Be, Cr, Cu, Ba, Th, Co, Tl, Na, Mn, Zn, Ce, K, Ni, In, Mg, Fe, As, Hg, Ca, Cd, Pb
- Анализа на слободен сулфур диоксид, вкупен сулфур диоксид, вкупна киселост (како винска киселина), редуцирачки шеќер, определување на pH
- Анализа на охратоксин А
- Анализа на вкупни афлатоксини
- Анализа на патулин
- Анализа на нитрати во зеленчук
- Определување содржина на сирови влакна - метод на одредување и пресметување по Кürschner-Hanak
- Определување содржина на азот – дел 1: метод по Кjeldahl (автоматски Gerhard систем)
- Определување содржина на масти по Soxhlet
- Определување содржина на редуцирачки и вкупни шеќери
- Определување содржина на сол – дел 1: определување содржина на натриум хлорид
- Анализа на ѓубриња, oпределување на вкупен, амонијачен и нитратен азот со автоматски Gerhard систем
- Анализа на макро и микро елементи во ѓубриња со ICP/MS: Be, Cr, Cu, Ba, Th, Co, Tl, Na, Mn, Zn, Ce, K, Ni, In, Mg, Fe, As, Hg, Ca, Cd, Pb
Специфичност на ДФЛ
ДФЛ како орган во состав на МЗШВ извршува специфични дијагностички испитувања за утврдување на здравјето на растенијата, лабораториски анализи за квалитетот на семенскиот и саден материјал и хемиски тестирања на квалитетот на фитофармацевските производи кои се користат во земјоделскиот сектор, како и контрола на содржината на резидуи од пестициди. Дијагностиката и аналитиката во сите одделенија на лабораторијата се изведува согласно усвоени европски и меѓународни дијагностички ISO, OIV, ISTA, CIPAC методи и EPPO протоколи за работа во соодветната област. ДФЛ обезбедува услуги за потребите на МЗШВ, субјектите во фитосанитарниот систем, компании во приватна сопственост (со основна дејност производство, откуп, дистрибуција и ставање во трговија) и целокупниот земјоделски сектор.
ДФЛ реализира блиска соработка со Управата за семе и саден материјал (УССМ) преку учество во сертификација на семенскиот материјал и издавање на сертификати за испитан квалитет согласно Закон за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/06, 89/08, 171/10, 53/11, 69/13, 187/13 43/14, 129/15, 39/16 и 71/16) и членство во работни групи за изработка на законски и подзаконски акти. Изготвените мониторинг програми (МП) од Фитосанитарната управа (ФУ) се реализираат во соработка со Државен инспекторат за земјоделство (ДИЗ), каде ДФЛ е имплементатор извршувајќи лабораториски анализи според акредитирани методи. ДФЛ како акредитирана лабораторија согласно МКС ISO/IEC 17025:2006 со вкупно 145 акредитирани методи е препознатлива како реализатор на мониторинг програмата за контрола на резидуи од пестициди во храна од растително потекло од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Факултет за ветеринарна медицина - Скопје (ФВМС), приватни компании, откупувачи и дистрибутери.
За извршените анализи ДФЛ издава извештаи и сертификати со наод и ја надополнува дејноста на УССМ и ФУ.
ДФЛ е важна алка во синџирот на одредувањето на здравјето на растенијата и заштитата од болести и штетници извршувајќи задачи и обврски во рамките на МЗШВ, согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/10 и 51/11).
Како акредитирана лабораторија, ДФЛ ја олеснува контролата како за домашните производители така и за оние извозно ориентирани.
Акредитација на ДФЛ
Државната фитосанитарна лабораторија од 15 март 2013 е акредитирана лабораторија согласно стандардот за компетентност на лаборатории за тестирање и калибрација МКС ISO/IEC 17025:2006. Акредитирани се вкупно 145 методи од кои 55 во Сектор за аналитичка хемија и анализа на ѓубриња, 64 методи во Сектор за растителни болести и штетни организми и 26 методи во Сектор за испитување на семе, саден материјал и сортна чистота. Методата за анализа на активна супстанца во производи за заштита на растенија е акредитирана со флексибилен опсег, а останатите методи се акредититирани со фиксен опсег. Во 2017 година ДФЛ се стекна со сертификат за реакредитација. На последната надзорна посета од страна на Институт за акредитација на Република Македонија, ДФЛ е оценета како лабораторија во постојан развоен процес во подобрувањето на системот за управување со квалитет и имплементирањето на нови напредни методи во сите области на дијагностицирање, со тенденција на зголемување на бројот на акредитирани методи.
Државна фитосанитарна лабораторија како орган во состав на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство го има имплементирано и стандардот за систем на управување со квалитет ISO 9001:2015.
Директор
проф. д-р. Сузана Јордановска