Првиот столб се однесува на историската реформа во земјоделството, со која за прв пат во историјата започнуваме нов модел на субвенционирање и обезбедуваме авансна исплата на субвенциите, однапред за тековната година.
Новиот модел за субвенционирање е во интерес на земјоделците, насочен кон зголемено домашно производство и со фокус на вистинските земјоделци. Модел креиран во соработка со земјоделците и научната јавност. Слушајќи ги нивните предлози и сугестии заедно го подготвивме финалниот нов модел за субвенционирање. Најважната порака која ја испраќаме преку новиот модел е стимулативниот ефект, и брзата исплата. Фокусот е ставен на сите значајни култури и на развој на сточарството каде субвенциите за високомлечни грла се зголемени за 30% со што стимулираме поголемо производство на млеко.
За прв пат од 2023 година започнуваме и со ортофото снимања, преку кои ќе вршиме прецизна контрола на земјиштето. Ова е уште една мерка со која го модернизираме агросекторот и ја зголемуваме контролата со што добиваме прецизини податоци дали земјиштето навистина се обработува што ќе биде клучно за исплатата на субвенциите.
Една од клучните промени за 2023 е Програмата за рурален развој, која прераснува во инвестициска програма. Преку оваа програма и во 2023 ги реализираме сите позитивни мерки кои постигнаа одлични резултати и огромен интерес кај земјоделците. Тоа се мерките рурална жена, млад земјоделец, набавка на опрема, системи за наводнување, педигриран добиток и уште многу други. Сите подобрувања на мерките за сите потсектори, ги креираме на начин како најмногу им одговара на земјоделците, секогаш во заедничка соработка и со заеднички одлуки.
Во нивни интерес, за прв пат во 2023 воведуваме нова мерка во програмата за рурален развој, наречена „бизнис план во земјоделството“ со грант до 600.000 денари. Создаваме можност земјоделците сами да си одберат што најмногу им треба и на јавен повик, кој ќе трае преку цела година, да аплицираат тогаш кога ќе бидат подготвени, без рокови и без брзање.
Повеќе детали за јавниот повик можете да најдете на следниот линк: https://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2963.
Со реформата на програмите во земјоделството предвидени се четири развојни програми: Програма за откуп, Програма за мали производители, Програма за мали винарии и малите дестилерии, како и Програма за поддршка на задругите.
Програмата за поддршка на откупот за свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи, започна за прв пат 2022 година и ќе продолжи и во 2023 година. Преку оваа програма го поддржуваме откупот на домашни земјоделски производи, и обезбедуваме здрава ужинка за учениците во основните училишта. Реализацијата на оваа програма веќе започна со дистрибуција на 743.000 килограми јаболка за 186.000 ученици од 350 основни училишта. Ова наиде на исклучително позитивна реакција во јавноста.
Оваа година обезбедуваме здрав оброк за секое детенце во сите детски градинки низ државата. Покрај јаболкото оваа година опфаќаме откуп на повеќе видови овошје како јаболка, кајсија, праска, слива и круша од реколтата 2023. Секое запишано дете во детските градинки во период од пет месеци неделно да добива по еден килограм од овие овошки. Имаме многу убави и квалитетни земјоделски производи одгледани од вредните раце на нашите земјоделци. Токму овие производи, наши домашни производи, ги насочуваме како здрав оброк за секое дете, за да дечињата уште од мала возраст го паметат вкусот на убавото домашно овошје и секогаш да го бираат домашното.
Како нова програма се воведува и поддршката за развој на земјоделските задруги која има за цел да придонесе кон развој на селата преку развојот наземјоделските задруги.Задругарството како форма на здружување има огромен потенцијал и затоа ние ќе го поддржиме и во следната година.