Со поддршка од Програмата за рурален развој Волково ќе добие современ кружен тек и нов пат до Кучково

28.02.2020 13:50:00


Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и Ваљон Салиху од Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, беа на увид во градежните работи на кружниот тек во село Волково. Овој проект се реализира со финансиска поддршка од  Програмата за рурален развој.

Вкупната инвестиција за изградба на кружниот тек во Волково е 6 милиони денари, од кои 3,5 милиони денари се финансиска поддршка од Платежната агенција, преку Програмата за рурален развој, а останатите се од буџетот на општината.

„Изградбата на овој кружен тек е од витално значење на жителите од Волково и неколку населени места во овој реон. Со неговата изградба ќе се подобри пристапот на жителите од селата Волково, Орман, Никиштани и Кучково и ќе се олесни транзитот и сообраќајот кон Град Скопје и магистралниот пат за Косово. Истовремено со изградбата на кружниот тек во Волково се зголемува безбедноста во сообраќајот и за возачите и за пешаците“, изјави министерот Димковски.

Општина Ѓорче Петров освен за овој, конкурирше со уште два проекта, со кои ќе реализира инфраструктурни инвестиции, за кои е предвидено да добие вкупна  финансиска поддршка од  19 милиони денари.

 „Преку Програмата за рурален развој, во овој реон ќе се гради и локалниот пат од село Орман преку Волково до Кучкуво, а ќе се прави и пристапен пат до земјоделски парцели. Овие проекти ќе овозможат економски развој, како и развој на руралниот туризам. Финансиските средства за за трите проекти се обезбедени со Програмата за рурален развој, а општината за овие проекти ќе треба да плати само данок на додадена вредност“, изајви директорот Бабовски.

Според Салиху, со изградбата на кружниот тек ќе се реши сообраќајниот хаос во Волково, кадешто во иднина ќе биде олеснето движењето кон последната станица на автобуската линија број 22, која е една од најкористените линии во јавниот градски превоз, од што бенефит ќе имаат  околу 10.000 жители на општина Ѓорче Петров кои живеат и работат во Волково, Кучково, Орман, Никиштани.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Наумоски посочи дека ова е само уште еден проект што е ветен за реализација.

„Изградбата на кружниот тек е во прва фаза. Заради безбедно одвивање на сообраќајот и учесниците во сообраќајот, започнуваме со изградба и на пристапниот пат до заобиколницата, патот кон Кучково и реконструкција на самиот мост, кадешто се одвиваат тековните градежни активности, бидејќи досега на ова место се создаваше тесно грло. Во овој период од околу две и пол години, во овој рурален реон кој веќе се урбанизира, се вложени над 3,5 милиони евра“, изјави градоначалникот Наумоски.

Владата на Република Северна Македонија за околу 200 инфраструктурни  проекти кои приситгнаа од сите општини од државата, обезбеди 38 милиони евра, како финансиска поддршка, преку мерките наменeти за општините од Програмата за рурален развој. Сите проекти опфаќаат капитални инвестиции во локалната патна, водоводна и канализациона мрежа, изградба и реконструкција на мостови, пазари, паркови, спомен обележја и друг вид инвестиции, кои ќе придонесат за подобрување на условите за живот во секоја општина во државата

Share