Министерот Димковски: Земјоделската 2019 е потврда на добрите политики на Владата и финансиската поддршка на земјоделците ќе продолжи со навремена и неселективна исплата на субвенциите

15.01.2020 11:20:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска одржа прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија, на која истакна дека паралелно со првенствената цел на техничката Влада да се организираат слободни, фер и демократски избори, без никаков застој и пречки ќе продолжи спроведувањето на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со навремена и неселективна исплата на субвенциите.

 

Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски во целост:

 

Формирањето на техничката Влада е со единствена цел да се организираат слободни, фер и демократски избори, што впрочем е и наша цврста определба за претстојните избори на 12 април.

 

Но, една од задачите на техничката Влада е и да овозможи завршување на сите неопходни активности за полноправното членство во НАТО, како и следење и исполнување на препораките на Европскиот Совет за одредување датум за почеток на преговорите.

 

Функционирањето на институциите во интерес на граѓаните е наш врвен приоритет. Граѓаните не смеат да бидат жртви на опструкции, блокади, дневни препукувања во овој предизборен период.

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со техничката Влада доби дополнителен-заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството. 

 

Македонското земјоделство е во сигурни раце и заедно со земјоделците ќе работиме на развојот на нашето до европското земјоделство.

 

Формирањето  на техничката Влада нема да го закочи спроведувањето на мерките коишто се планирани со тековните годишни Програми. Тоа значи дека, согласно планот, и во следниот период Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе продолжи со навремената и неселективна исплата на субвенциите од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2019 година. Исплатите  на субвенциите продолжуваат според календарот за исплата. 

 

Нема поништување на објавените јавни повици за давање на државно земјоделско земјиште под закуп. Во тек се вкупно четири јавни повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, за коишто рокот за поднесување на потребната документација е до 22 овој месец.

 

Непречено и согласно динамиката ќе продолжи реализацијата на  инвестициите во водостопанската инфраструктура. Во моментот во полн ек е изградбата на брани и современи системи за наводнување, како што се браната Конско, системите за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза и Равен-Речица и браната Речани, малите еколошки системи за наводнување и други инвестиции во водостопанството. Овие инвестициите ќе овозможат наводнување на нови над 28 илјади хектари земјоделска обработлива површина.

 

Земјоделската 2019  беше потврда на добрите политики на Владата и година во која што се донесоа мерки од кои директен бенефит имаат земјоделците. Започнатите процеси за реформи во секторот, ќе продолжат и оваа година, затоа што земјоделството е наша стратешка гранка, а оваа Влада со своите политики покажа што значи вистинска грижа за земјоделците и развој на земјоделството.

 

Притисоците и селективноста не се наша одлика. Ние не ги злоупотребуваме институциите како што тоа го правеше претходната Влада. Нема веќе исплата на субвенции по списоци, секој земјоделец што ги исполнува условите е навреме исплатен.

 

Ова е период кој е од исклучително значење за нашата држава, но истовремено и период во којшто граѓаните очекуваат нормално функционирање на сите институции. Затоа, ги повикуваме техничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ да се ослободат од матрицата во која се заглавени. Точно е дека сме идеолошки различни и по начинот на размислување и по политичкото дејствување. Но, тоа не смее да биде пречка до 12-ти април да соработуваме со министрите и дополнителните заменици на ВМРО-ДПМНЕ, за повисоки цели и во интерес на граѓаните.

 

Граѓаните се на прво место и затоа, апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на начинот на кој прогресивните сили ја водат земјата.

 

Врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада, без исклучок, е да обезбедат континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата.

 

Земјоделството е еден клучните двигатели на нашата економија, и затоа сите имаме обврска да работиме на развојот на ова гранка.

 

Ви благодарам за вниманието и уште еднаш нагласувам, земјоделството е во сигурни раце, заеднички да работиме за доброто на нашите земјоделци. Ова се приоритетите за нашата земја во претстојниот период.

Share