Со проектите на Локалните акциони групи до подобрување на условите за живот во руралните средини

07.11.2019 13:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска ги доделија договорите на седум од вкупно девет Локални акциони групи(ЛАГ-ви), коишто добија финансиска поддршка преку Програмата за рурален развој, наменета за проекти за развој на руралните средини.

Министерот Димковски посочи дека ова е првпат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да обезбеди и да стимулира формирање на локални акциони групи.

“За да бидат регистрирани во Регистарот во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, потребно беше да исполнат одредени услови, сите кои исполнуваа услови можеа да се пријават на јавниот оглас и еве денес веќе беа врачени договорите. Локалните акциски групи или ЛАГ-ови, се највисока форма на здружувања помеѓу општините, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата. За да се регистрира еден ЛАГ се потребни две општини, доколку една општина е член на еден ЛАГ не може да биде и на друг. Поддршката доаѓа преку програмата за рурален развој и ќе продолжи и понатаму. ЛАГ-овите коишто ги добија овие финансиски средства во зависност од нивната имплементација ќе мора да спроведуваат јавни набавки, што е уште едно надополнување на мерките за одговорно трошење на јавните пари.”- Изјави министерот Димковски

 

Секој од овие девет ЛАГ-ви, имаат подготвено проекти за поставување на урбана опрема, реконструкција на сместувачки капацитети, монтажа на фотоволтаични системи,уредување на туристички места, реализирање на проекти, односно за се што е во насока на создавање на услови за подобар живот во секоја руралните региони. Овие проекти ќе се реализираат во струмичко Босилово, Кривогаштани,  Јегуновце, Пехчево, Ранковце, Градско, Конче, Стојаково во општина Богданци, Куманово.

 “Вкупната финансиска поддршка која ќе им биде доделена на овие девет ЛАГ- ови, е 7,7 милиони денари. Финансиската поддршка е неповратна и се врши поврат на 100% од реализираната инвестиција. Со помош на овие средства во речиси сите делови од државава, ќе се реализираат повеќе проекти кои се реална потреба на граѓаните а претходно  ја имаат мапирано Локалните акциони групи.” – Изјави директорот Бабовски

ЛАГ-овите се еден вид на јавно приватно партнерство во кое што се вклучени самите земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис заедницата и локалните самоуправи. Овој модел на заедничко функционирање пред се овозможува  висок степен на демократија и партиципација на земјоделците во изборот и креирањето на приоритетите во аграрната политика.

Во рамки на ЛАГ-овите, земјоделците и населението во руралните средини ќе имаат можност директно да ги посочат своите барања и потреби во однос на развивање на руралните средини. На пример, да имаат одлучувачко право што е приоритет за општината, дали е тоа патот, улицата, училиштето, разни објекти за подобрување на руралниот туризам и слично.

Share