Државниот инспекторат за земјоделство, со засилени мерки против палењето на стрништа

07.11.2019 11:00:00


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Државниот испекторат за земјоделство активно се вклучени во спречување на масовното палење на стрништа на територијата на Република Северна Македонија.

Мобилни екипи од инспектори и други надлежни службеници работат во смени и постојано се на терен, со цел да ги откријат лицата што ги палат оризовите стрништа вo Кочанско и да го спречат ширењето на оваа појава. Задача на овие екипи е да интервенираат секојдневно, вклучително и во деновите на викендот за да се намали загадувањето на воздухот од согорувањето на оризовата слама по нивите во Кочанско.

Со цел да ја согледа состојбата на теренот и да се запознае со актуелните проблеми на лице место, вчера во посета на Кочани и на средба со градоначалникот Николчо Илијев беше Зоран Шапуриќ, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

„Не смее  да продолжи палењето на стрништата. Јавната свест мора да се подигне и компромис не треба да има – сите прекршители да бидат казнети. Ние нема да отстапиме од намерата да ѝ ставиме крај на оваа штетна појава. Доколку, сите досега преземени мерки не дадат резултат, ќе предложиме измени во законот, правото на субвенции да биде поврзано со незапалени стрништа“ соопшти на средбата градоначалникот Николчо Илијев.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, посочи дека палењето на стрништа е казниво по закон.

Савка Веселинова, државен земјоделски инспектор нагласи дека контролите на терен се засилени, оваа година на лице место имаат откриено вкупно 15 сторители против кои веќе имаат поднесено соодветни пријави.Сторителите многу тешко се откриваат, а ветерот неконтролирано го проширува пожарот такашто се нанесуваат штети и на други површини со несобран род.

Share