Димковски на одбележување на Светскиот ден на храната, со концептот за училишни градини до едукација на младите за вредноста на производството на храна

16.10.2019 14:00:00


Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак и со градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, присуствуваше на одбележување на Светскиот ден на храната во , ООУ “Крсте Мисирков” во Гази Баба. 

Оваа година, Светскиот ден на храната, е под мотото „Нашите дејства се наша иднина, здрава исхрана за Свет без Глад”,  ќе се фокусира на потребата да обезбедиме здрава храна достапна за секого. Денеска во над 150 земји во светот, се одбележува Светскиот ден на храната и таа традиција датира уште од далечната 1945 година, кога е формирана Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации – ФАО.

Оваа манифестација се одржува по повод искоренување на гладот и другите форми на неухранетост и за обезбедување на здрава и одржлива исхрана достапна за секого, а оваа година акцентот беше ставен на подигнување на јавната свест за важноста на одржливото производство на храна и здрава исхрана за остварување на глобалната цел “Нула Глад”.

“За постигнување на целта – нула глад, која е една една од целите за одржлив развој на кои нашата држава се обврза дека ќе работи посветено заедно со сите земји членки на Обединетите Нации, можеме да сториме многу, не само во обезбедување доволно храна за гладните и сиромашните, туку обезбедување на здрава, безбедна храна која ќе биде со достапни цени. Токму, децата и младите се генерацијата која  со менување на  секојдневните навики, здрав начин на живот кој е возможен преку здравата и правилна исхрана, и преку намалување на загубите од храна, ќе станат амбасадори на позитивни промени и надеж, помагајќи да се подигне свеста за тоа како секој може да го промени начинот на размислување и делување", изјави министерот Димковски

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски истакна дека, масовното одбележување на овој настан има за цел да се дојде чекор поблизу до искоренување на гладот до 2030.

„Невладините организации, и сите коишто можат да помогнат ќе ги вклучиме во секојдневните активности, како во делот на промоцијата така и во делот на  значењето за правилно менаџирање со храната. Општина Гази Баба и Република Северна Македонија, генерално имаат одлични предиспозиции за здрава храна и мислам дека сите заеднички ќе успееме да обезбедиме здрава навика, здрави оброци и да го осигураме нашето заедничко развивање на свеста - да се храниме здраво“, изјави градоначалникот Георгиевски.

Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Скопје е одличен пример за воведување на практична едукација за животна средина и здрава исхрана во редовната училишна програма, преку сопствената училишна градина за одгледување овошје и зеленчук.

Постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, истакна дека постигнувањето на Свет без Глад не се однесува само на прехранување на гладните. Станува збор и за здравата исхрана на луѓето, која вклучува доволно разновидна, безбедна и храна со доволно хранливи материи - истовремено одржувајќи го здравјето на планетата од која сите зависиме, посочи Дуџак.

Cо денешниот настан по повод Светскиот ден на храната, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО),граѓанската организација “Слоу Фуд Водно”  и партнерите повикаа на забрзана акција за искоренување на гладот и другите форми на неухранетост и за обезбедување на здрава и одржлива исхрана достапна за секого.

Share