Обезбедени нови 915 милиони денари за исплата на субвенции за земјоделците

15.10.2019 14:00:00


Владата на Република Северна Македонија, на вчерашната седница ja усвои Предлог - програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, со која со ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија се предвидени нови 915 милиони денари за исплата на финансиски средства на земјоделците. Со оваа сума ќе се изврши исплата на субвенции за повеќе земјоделски прозводи.

Конкретно, за исплата на субвенциите за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за периодот од јануари до април 2018 година, со ребалансот се обезбедени 179 милиони денари. 50 милиони денари се обезбедени за производителите на оризова арпа кои своето производство го имаат предадено кај регистрирани откупувачи.

Со ребалансот се обезбедени 288 милиони денари за исплата на финансиска поддршка за сите земјоделци кои не се исплатени од претходните години за обработлива земјоделска површина (поледелци, градинари, лозари, овоштари), производители на семе и саден материјал, субвенции по грло добиток односно за земјоделците кои имаат говеда, овци, кози, свињи, пчелни семејства и живина.

За исплата на субвенциите за земјоделците  кои градинарските производи ги имаат предадено во преработувачки капацитети за периодот од 26 декември 2017 година до 25 декември 2018 година, се обезбедени 151 милиони денари, а 7 милиони денари за исплата на субвенциите за предадени домати во преработувачки капацитети.

Со ребалансот на буџетот ќе се исплатат 40 милиони денари за субвенции за откупената пченица од родот 2018 година од домашно производство која е откупена од регистрирани откупувачи. 160 милиони денари се обезбедени за исплата на субвенцијата за производителите на јаболка од реколта 2018 година. 

За исплата на субвенцијата за под-мерката за депопулација на свињите, со ребалансот се обезбедени 40 милиони денари, со што ќе бидат обештетени сите земјоделци кои своите свињи ги чуваат во услови кои не ги исполнуваат биосигурностите стандарди за чување и произодство на свинско месо.

Со овие последни измени буџетот за земјоделство за 2019 година ќе изнесува 7 милијарди денари.  

Share