Повик за учество на Tендер за извршување на Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија Фаза. II и III

04.07.2019 16:29:00


Во рамки на проектот финансиран од Европската унија “Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објавен е јавен тендер (Референтен број: 2019/CSAPC/FOMCD/102054) за извршување на “Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија Фаза. II и III - Планирање на распределба на земјиште и дизајн на интервенции во земјоделска инфраструктура во Соколарци, Спанчево, Оптичари и Логоварди”. 

Врз основа на резултатите од физибилити студиите неодамна спроведени во горе-надеведите четири консолидациони подрачја, тендерираните услуги што ќе треба да се спороведат во рамки на оваа нова проектна фаза, вклучуваат: проценка на вредноста на земјиштето, технички дизајн на земјоделската инфраструктура во согласност со Законот за консолидација на земјоделско земјиште и друга релевантна легислатива, подготовка на планови за распределба преку процес на партиципативно преговарање со сопствениците и корисниците на земјиште, изработка на геодетски истражувања, обележување на границите на новите земјишни парцели во проектното консолидационо подрачје.

Геодетските компании кои се заинтересирани да учествуваат треба да бидат регистрирани во Регистарот на вршители на работи во функција на консолидација на земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со член 9-а од Законот за консолидација на земјоделско земјиште.

Со цел да имаат пристап до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар - United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: https://www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании ќе имаат право да учествуваат.  После успешна регистрација  компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал  (https://www.ungm.org/Account/Account/Login).

Крајниот рок за поднесување на понуди за тендерот е понеделник, 5 Август, 2019 до 08:30 часот (по централно европско време).

Share