Со измените на Законот за земјоделско земјиште до правилна распределба на државното земјоделско земјиште и зголемување на обработливите површини

29.05.2019 11:22:00


Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница  го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште. Со новите законски измени се овозможува правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп и ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште во државата.

Законските измени предвидуваат низа можности кои не беа регулирани со посточкиот закон, а кои се од исклучително значење за земјоделците кои конкурираат на јавните огласи и повици, како и за ефикасна и поголема  искористеност на расположливите обработливи површини.

Со измените се овозможува на земјоделско земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти и изградба на објекти за спортско рекреативни активности. На овој начин се поедноставува постапка за добивање на одобрение за градење на ваков тип на објекти, ќе се зголемат инвестициите во ваков тип на објекти од страна на земјоделските стопанства, ќе се зголеми искористеноста на ИПАРД програмата, и ќе се придонесе за развој на рурални средини преку рурален туризам.

Една од клучните измени се однесува на младите земјоделци, односно младите лица до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина три години од склучување и стапување на сила на договорот. Со оваа измена се овозможува поголема вклученост на младите во земјоделството и можност за започнување на агробизнис.

Со законските измени се проширува намената на земјодолско земјиште кое може да се додели во закуп со можност и за поставување на пчелни семејства, што ќе придонесе за развој на пчеларството преку зголемување на површините.

Новиот предлог за измени на постоечкиот закон им овозможува на земјоделските стопанства да можат да аплицираат  на огласи за закуп се до обезбедување на површини од 10 хектари, и покрај тоа што веќе имаат веќе склучен договор за помали површини. На овој начин земјоделците ќе можат да обезбедат доволен фонд на земјиште со што ќе имаат исплатливо земјоделско производство.

Изменетите законски одредби предвидуваат и повеќе промени во однос на разкинување на договорите, склучувањето на договорорите, пребивање со субвенции и друго. Така, со измените на закупците кои закупнината ќе ја плаќаат со пребивање ќе им се остави период од една година во која треба да достават решение за пребивање издадено од платежната агенција. Се отвора можност за склучување на договор за закуп со физичките и правните лица на кои поради неплатена закупнина им е раскинат договорот за закуп, а земјоделското земјиште предмет на договорот е сеуште во нивно владение, под услов да достават доказ за платена закупнина со казнена камата за задоцнето плаќање за целиот период на важење на договорот. На овој начин ќе им се  овозможи на земјоделците кои можеби поради економски или други причини не успеале да ја платат навремено закупнината и договорот им е раскинат во измината година, да им се склучи нов договор под истите услови како и претходниот договор се со цел да добијат шанса да го обработуваат земјиштето и да обебедат профитабилно производство.

Исто така, со новите законски измени се создава можност за воведување во владение на закупци кои имаат склучено договори за закуп а и по истекот на една година сеуште не се воведени во владение. Со оваа новина ќе се реши еден наследен и долгогодишен проблем на земјоделците кои добиле договор за закуп на земјоделско земјиште но од неразбирливи причини не по нивна вина не се воведени во владение повеќе од една година а земјиштето е сеуште слободно, ќе можат да поднесат ново барање за воведување во владение на земјиштето и да бидат воведени во владение и да почнат да го обработуваат земјиштето.

Законските измени предвидуваат и нов рок за легализација на бесправно подигнати оранжерии, помошни објекти и објекти за примарна обработка на земјоделски производи до 31.07.2020 година, со што се создаваат услови земјоделците тие објекти да ги адаптираат за современо земјоделско производствосо помош на искористување на европските фондови.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, кој по утврдувањето на на вчерашната седница на Владата на РСМ сега ќе влезе во собраниска процедура, предвидува и измени во делот на банкарските гаранции, бизнис плановите, промена на култури и друго.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици