Николовски: ХС Злетовица го ставаме во целосна функција, на системот се приклучуваат и Карбинци, Лозово и Штип

11.04.2019 13:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска во Пробиштип, заедно со градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов, одржаа работен состанок со менаџментот на хидросистемот Злетовица. На состанокот се разговараше за идните активности за заокружување на реализацијата на првата фаза од Проектот за водоснабдување ХС Злетовица, која се однесува на водоснабдување со квалитетна вода за пиење и поврзување на општините Карбинци, Лозово и  Штип со овој систем. Министерот Николовски посочи дека досега овој систем не беше целосно ставен во функција и со вода за пиење се снабдуваа само Пробиштип и свети Николе, а со парите што за годинава ги обезбеди Владата на РСМ во буџетот на МЗШВ во износ од околу 3,5 милиони евра ќе се заокружи целиот процес и општините Карбинци, Лозово и  Штип ќе се приклучат на системот.

„Хидросистемот Злетовица е важен за целокупниот овој регион. Како Влада и како ресорно министерство, во 2018 година бевме целосно посветени ја  скениравме целата состојба на терен со цел да креираме соодветни политики преку кои државата ќе даде поддршка за заокружување на фазата еден од овој систем.  Овој систем не е во целосна фукнција и со вода за пиење се снабдуваат само Пробиштип и Свети Николе. Затоа Владата со поддршка од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, направивме целосно согледување на општините, за да ги видиме нивните потреби, се со цел реализација на сите потребни инвестиции, за да се стави целосно овој систем во функција и регионот да се снабдува со квалитетна вода за пиење. Заради тоа во буџетот за 2019година се одвоија средства, и од  МЗШВ и од буџетот на ЗПВРМ, и со нови 3,5 милиони евра кои се веќе испланирани во развојниот дел на буџетот на МЗШВ, ќе започнеме со поврзување на општините со овој хидросистем“, изјави министерот Николовски.

При тоа Николовски посочи дека веќе е  распишана тендерската постапка за јавна набавка за избор на консултантска куќа која ќе изработи техничка документација за финализирање на првата фаза, односно водоснабдување преку проектот ХС Злетовица и општините да се поврзат со системот. Отворањето на понудите е закажано за на 16-ти следниот месец. 

На општините Лозово и Карбинци потребна им е целосна изградба на пречистителни станици, дополнителни километри цевковод, како и пристапни патишта. На Штип му е потребна опрема за да ја приспособи постоечката Филтер станица за прием на водата од цевководот од ХС „Злетовица“. За Свети Николе е потребно надградба и реконструкција на посточеката пречистителна станица и изградба на басен. Во следниот период за сите овие зафати ќе се изработи техника документација. Единствено Пробиштип нема да ги користи овие средства, бидејќи минатата година обезбеди грант од Р. Словенија и од Владата на РС Македонија од 1,2 милиони евра за зголемување на капацитетот на пречистителната станица за вода за пиење и за обзебедување на техничка вода за бизнис секторот. 

Министерот Николовски појасни дека со заокружувањето на првата фаза од ХС Злетовица, во следниот период активностите на МЗШВ ќе бидат во насока на реализација на втората и трета фаза од ХС Злетовица со кои ќе се обезбеди систем за наводнување на 4.100 хектари земјоделско земјиште и изградба на шест мини-хидороцентрали.

Николовски посочи дека капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура се еден од приоритетеи на Владата на РСМ, и дека не само преку буџетот на МЗШВ, туку дополнително со финансиска помош од ИПА претспристапната помош на Европската унија се одвиваат активности за изградба на мали еколошки хидорсистеми во неколку мапирани региони. Првите три физибилити студии се готови и започнува тендерската постапка за избор на изведувачи во три региони за овие системи, а во штипскиот регион тоа е хидросистемот  Славишко поле. Во моментов се прават физбилити студии за три нови системи исто така поддржани од ИПА, а еден од тие е системот за наводнување во Пишица за наводнување на 350 хектари.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици