Потпишани договорите за инвестицискиот оглас за државно земјиште под закуп, 11 милиони евра нови инвестиции во земјоделството

05.03.2019 12:00:00


Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа настан на кој се потпишаа првите договори од инвестицискиот оглас за доделување под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари со агробизнисмени и земјоделци. Она по што се разликува овој оглас од претходните е што се работи за оглас кој што освен за подигање на насади, е наменет и за инвестиции во земјоделството и руралниот развој. Конкретно, на локациите за кои што денеска се склучија договори освен примарно производство, ќе се градат и преработувачки капацитети од различни земјоделски гранки, како винарници, кланични капацитети, оранжерии, преработувачки капацитети за овошје и зеленчук и друго.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев посочи дека овој оглас е важен за модернизирање на земјоделството, но и за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи и решавање на проблемите што се јавуваат со вишоците од производи, но и за отворање на нови работни места и за локален економски развој.

„Денешното потпишување на првите договори за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп над 3 хектари, е уште еден показател за нашата цврста заложба да креираме политики кои ќе придонесат за модерно и европско земјоделство. За прв пат државата доделува државно земјоделско земјиште под закуп за кое што земјоделците и агробизнисмените имаат можност освен за примарно производство да подготват и бизнис план за преработувачки капацитети. На овој начин го заокружуваме синџирот помеѓу примарното и финалното земјоделско производство и креираме услови за конкурентни производи со повисока додадена вредност. Тоа е исклучително важно за нашата држава“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека покрај индустријата, градежништвото и трговијата, земјоделството е четвртиот носечки столб на економијата во Република Северна Македонија. Во 2018 година, посочи Анѓушев, забележани се позитивни стапки на раст на индустриското производство, додека во втората половина на годината, по надминување на техничките и правни прашања и периодот на стагнација, градежништвото се врати на вистински колосек. Владата посветено работи и на реализација на проекти со кои би се модернизирало и развивало земјоделството, што ќе придонесе до повисоки стапки на пораст на бруто домашниот производ и економски развој на земјата.

„Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воочија дека постои недостаток на преработувачки капацитети за земјоделски производи, а преку оваа програма, со која се доделува земјоделско земјиште над 3 хектари, се стимулира отворање на нови преработувачки капацитети и откупни центри, односно создавање на производи со повисока додадена вредност, токму тоа што недостига во земјоделството и економијата. Нашите очекувања во иднина се да се намали продажбата на сурови сезонски земјоделски производи по ниски цени, а наместо тоа да се зголеми производството и продажбата на производи со додадена вредност од процесната индустрија за преработка на земјоделски производи“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство потенцираше дека јавното наддавање се спроведе на 20 географски целини во 13 општини и за сите нив се склучуваат договори, за вкупно 1.341 хектари. Вкупната инвестиција што директно ќе се вложи во земјоделството преку овој оглас во следните 5 години изнесува 11 милиони евра.

„Ова е прв ваков инвестициски оглас, и веднаш после претседателските избори ќе следува нов ваков оглас кој што е веќе подготвен. Станува збор за атрактивни земјоделски парцели на кои што освен примарно земјоделско производство ќе има и преработувачки капацитети. Она што е значајно е просечната закупнина по хектар на јавното наддавање е доста зголемена. Ако просекот на сите претходни огласи се движел од 90 до 100 евра, сега на овој оглас просечната закупнина достигна 258 евра по хектар. Сето ова е резултат на добрата бизнис клима и на здравите чекори кои што Владата ќе има зацртано и трасирано“, изјави министерот Николовски.

Инаку сите потписници на договорите за инвестицискиот оглас, се и потенцијални корисници на мерките од ИПАРД програмата, кои се дополнителна можност за модернизирање на македонското земјоделство.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици