МЗШВ: Потсетување до сите жени земјоделки дека во тек е јавниот повик за Рурална жена, ги повикуваме земјоделките да аплицираат и да ја искористат поддршката

10.05.2022 14:00:00


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство неодамна објави јавен повик за мерката 115 „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ популарно наречена мерка „Рурална жена“.

Ги потсетуваме сите жени земјоделки дека јавниот повик е во тек и истиот ќе трае до 20.05.2022. Има доволно време за сите заинтересирани да аплицираат на повикот и да ги искористат средствата од мерката кои од оваа година се двојно поголеми, па така грантот сега е зголемен од 3000 на 6000 евра неповратни средства, по корисник. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.

Право на користење на средства имаат сите земјоделски стопанства чиј носител е жена, запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Средствата се наменети за инвестиции во набавка на опрема за преработка и/или доработка на примарни земјоделски производи и инвестиции во набавка на услуги за спроведување на деловниот план на инвестицијата. Од сопственото земјоделско производство жените можат да развијат широк спектар на призводи со додадена вредност, како што се маџун, сирења, кашкавали, пчеларски производи, мармалади, слатка, ајвар и други производи.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Еден барател може да поднесе само едно барање за оваа мерка. 

Земјоделските стопанства кои се корисници на ИПАРД програмата за истиот тип на инвестиција (градба, опрема и услуги)  и земјоделските стопанства кои се претходни корисници на мерката, не можат да бидат корисници на финансиска поддршка на истата мерката.

Доколку намената на инвестицијата согласно одобрениот деловен план предвидува преработка на земјоделски производи, корисниците на оваа мерка треба да ја евидентираат дејноста во Агенцијата за храна и ветеринарство по реализација на инвестицијата. Барателите на финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локација на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документи предвидени за мерка 115.

Електронски пополнетото барање за финансиска поддршка потребно е да се превземе, испринта и потпише и заедно со целокупната пропратна документација да се достави до Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во затворен коверт на кој на предната страна во горниот лев агол стои Барање за финансиска поддршка и Архивски број на Барањето (0222-11516-ХХХХ/1). Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во писарницата на Агенцијата.

За сите подетални информации земјоделките може да се јават на телефонскиот број на Платежната агенција, тел. (02)3097-460 или на е-маил адреса: [email protected] и на веб-страната: www.ipardpa.gov.mk. За сите заинтересирани овозможена е и поддршката од Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ги повикуваме жените земјоделки максимално да ја искористат поддршката и да аплицираат. За потсетување на минатиот повик аплицираа 250 жени и сите се добитници на грант. Ефектите кои се постигнаа со оваа мерка, се развиени мали семејни бизниси и нови производи на пазарот.

Уште еднаш потсетуваме дека крајниот рок за доставување на барањата е 20.05.2022 година.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици