Нови 10 милиони денари на располагање за инвестиции во инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште

17.10.2018 12:26:00


Сите единици на локалната самоупрва од денеска па се до 17- ти ноември ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од „Програмата за рурален развој“,  поточно за „Мерката 124 Инвестиции во инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште “, односно реконструкција или пробивање на пристапни патишта до земјоделско земјиште.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски информираше дека

 „Преку оваа мерка, на располагање се ставени вкупно 10 милиони  денари, општините овие средства може да ги користат во капитални инвестиции, за подобрување и олеснување на животот на граѓаните во руралните средини и полесен пристап до нивите. Една единица на локалната самоупрва може да користи максимално до еден милион денари. Со помош на оваа Мерка ќе дадеме значаен придонес во пристапот до нивите и до обработливите површини, што во моментов претставува проблем за земјоделците. Ги повикуваме сите општини кои имат потреба , во рамките на Програмата и во крајниот рок, да ги поднесат своите предлог проекти, и овие средства за капитални инвестиции ефикасно да ги  искористат во унапредување на условите за живот на земјоделците како и да им ја олеснат работата на поле.“ – рече Бабовски

 Доделената финансиска поддршка е неповратна, а  средствата кои ќе им бидат доделени општините ќе може да ги користат за

  • Набавка на градежни материјали и елементи за конструкција;
  • Да платат услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни работи,  за изработка на елаборати, за изработка на студии или планска и техничка документација.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на финансирање на завршени инвестиции од страна на корисникот, во висина од 100% од вредноста на одобрените, прифатливи трошоци за инвестицијата. Средствата од финансиската поддршка, по барање на корисникот може да се доделат на две рати, или согласно со фазите на реализација на инвестицијата врз основа на времени ситуации од надзор или документација за набавка на опрема.

Според директорот на АФПЗРР, за да се добие поддршка преку оваа мерка, апликантите треба да достават:

„ Барање за користење на средства, ревидиран основен проект, геодетски елаборат и согласност за приоритет и намена на инвестицијата одобрени од Советот и од градоначалникот на општината. Еден корисник има право да поднесе најмногу три барања вклучувајки ги сите мерки од програмата за 2018- та година. “ – рече Бабовски.

 Сакам да истакнам дека, општините не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Минатата година 10 општини, односно Кратово, Вевчани, Кочани, Босилово, Зрновци, Дебарца, Градско, Василево, Богданци и Пласница искористиле средства преку оваа мерка од Националната програма. 

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици