Николовски: Словенија е наш важен трговски партнер, работиме на зголемување на трговската размена

26.08.2018 11:00:00


Во рамки на саемот за храна и земјоделство АГРА2018,што се пдржува во Горња Радгона, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со претседателот на Собранието на Република Словенија и поранешен министер за земјоделство,шумарство и храна Дејан Жидан, одржаа македонско-словенечки бизнис форум, на кој што присуствуваа компании,стопански комори и здруженија  од двете држави.

Од македонска страна на форумот беа презентирани потенцијалите на македонското земјоделско производство, поддршката и можностите за инвестирање во агро-секторот, но и генерално можностите за инвестирање во Македонија, како и туристичката понуда што ја нуди Македонија.

Министерот Николовски а форумот потенцираше дека Владата работи на зголемување на трговскиот биланс со Словенија, а ваквите бизнис форуми се можност за запознавање на фирмите и потенцијалите на двете земји.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија секоја година од буџетот одвојува финансиски средства во износ од пола милион евра, за поддршка на извозно ориентираните фирми, за промоција на нивните производи на странските пазари. Очекувам дека на денешните B2B средби присутните фирми ќе најдат взаемен  интерес, и ќе отворат пат кон меѓусебна долготрајна успешна соработка  во интерес на двете земји. Ги охрабрувам нашите и словенечките компании овој бизнис форум да го искористат за да воспостават односи на доверба, отвореност и пријателство“, порача министерот Николовски.

Претседателот на Собранието на Република Словенија, Дејан Жидан, порача дека вкупната трговска размена помеѓу двете земји лани во споредба со претходната 2016 година бележи пораст, а исто така и оваа 2018 година е регистрирано зголемување.

Инаку, Македонија оваа година за прв пат е земја-партнер на 56-тото издание на еден од најголемите меѓународни саеми за храна и земјоделство во Централна и Источна Европа, АГРА 2018. Вчера и официјално Николовски и Жидан со поздравни обраќања го означија отворањето на годинешното издание.

На отворањето, Николовски порача дека добивањето покана за партнерство на овој меѓународен саем, е доказ за одличните пријателски односи со Република Словенија и претставува силна поддршка на нашата земја во евроинтеграцискиот процес.

„ Владата на Република Македонија е силно фокусирана на забрзување на евроинтеграцискиот процес, кој за нас како држава веќе станува реалност и неминовност за приклучување кон европското семејство. Од ден во ден сме поблиску до Европската Унија, и до прилагодување кон заедничката европска политика во однос на законската легислатива и мерките кои што ќе значат поддршка на руралниот развој, а особено на младите фармери. Членството на Македонија во ЕУ ќе значи, отворање на пазар од 500 милиони жители, силна финансиска поддршка за македонските земјоделци и  големи капитални инвестиции во македонскиот аграр“.

Николовски посочи дека МЗШВ, во периодот што следува подготвува  силна кампања за промоција на македонските земјоделски производи на меѓународните саеми.

Оваа година фокусот на саемот се младите земјоделци и нивната вклученост во агробизнисот и креирањето на политиките. Николовски, изјави дека вклучувањето на младите земјоделци во агробизнисот е од исклучителна важност, поради што земјава е силно фокусирана на приближување на земјоделството до европскиот стандард.

Република Македонија на саемот се претставува со нашите препознатливи земјоделски производи, нашата традиција, познатиот македонски вкус, како и можностите за инвестирање во македонскиот агрокомплекс.  Како земја-партнер Македонија, има свој штанд на кој што вкупно 27 македонски компании ги промовираат своите производи, меѓу кои има производители на органски производи, преработувачи на овошје и зеленчук, винарии, преставници од туристички агенции за промоција на туризмот во Република Македонија. Претставувањето на нашите производи на македонскиот штанд е помогнато и од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка. Воедно, со цел подобро да се промовираат традиционалните производи,  МЗШВ во „Винскиот подрум“ на саемот организираше ручек за сите министерски делегации и поканети гости, каде што присутните имаат можност да ги вкусат македонските традиционални јадења и да наздрават со најквалитетните македонски вина. За доброто партнерство и организација, министерот Николовски доби благодарница од претседателот на Управата на Помурскиот саем, Јанез Ерјавец. На саемот во делегацијата со министерот Николовски, присуствуваа и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и посебниот советник за земјоделство на ПВРМ, Ленче Николовска.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици