Хоџа и Заев на доделувањето на грантови од мерката „Рурална жена". Работиме за подобрување на економската и социјална положба на земјоделките

07.05.2021 15:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа денеска заедно со претседателот на Владата Зоран Заев денеска заедно со, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски како и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителката на Ју-ен жени (UN Women), тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, во Градскиот парк во Скопје, заедно со претставници на Националната федерација на фармери, присуствуваа и се обратија на доделување на 11, од вкупно 250 договори за грант, од програмата „Рурални жени“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, што ја спроведува Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Истакнувајќи ја целта на мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, која е во насока на подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство и достигнување на повисоки стандарди за подобрување на квалитетот на земјоделско производство и за намалување на трошоците во работењето, премиерот Заев им честиташе и им посака успех на претприемачките кои ќе добијат финансиски грант во висина од 180.000 денари за набавка на опрема, која ќе им помогне во нивните досегашни и идни активности.

„Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика ќе ги направат сите неопходни чекори за соостварување на определбите утврдени во Декларацијата за подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени. Институциите работат во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој“, посочи премиерот Заев, повторувајќи дека земјоделството и производството на храна се шанса за успех, а пандемијата со вирусот КОВИД-19 уште повеќе ја нагласи потребата, населението да биде обезбедено со здрава, квалитетна и разновидна храна од македонско производство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа изрази задоволство од поттикот и храброста кои се јавуваат кај жените од руралните подрачја, како вистински носители на земјоделските семејства и кои искористувајќи ги мерките ги јакнат позициите во општеството и водат кон подобрување на социјалната реалност.

„За ова зборуваат и фактите од нашиот Единствен регистер на земјоделски стопанства, според кој бројот на регистрирани жени-носители на земјоделски стопанства постојано расте. Па така, ако во 2019 – та година биле регистрирани 36.048 жени, денес тој број изнесува 38.241, што значи дека имаме зголемување за 2.193 жени, кои регистрирале земјоделско стопанство. Ова е голем раст и показател дека мерката дала резултати. Сме успеале да ги поттикнеме нашите рурални жени да се регистрираат и да аплицираат“, рече министерот Хоџа истакнувајќи дека наместо првично планираните 100 договори Владата успеала да обезбеди средства за финансиска поддршка на сите жени кои аплицирале и ги исполниле условите.

„Успеавме првично предвидените девет милиони денари да ги зголемиме на 40 милиони денари, со што овозможивме вкупно 250 жени да добијат грант од по 3.000 евра“, рече Хоџа истакнувајќи ја посебно поддршката од Телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women), кои партиципираа во креирањето и реализацијата на мерката „Рурална жена“, како и невладиниот сектор: Националната федерација на фармери, Рурална мрежа, Рурална коалиција, како и Министерството за труд и социјална политика и Факултетот за земјоделски науки и храна и изрази уверување дека во иднина бројот на грантови ќе се зголемува.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, во своето обраќање се задржа на линиите на производство кои со оваа мерка се поддржуваат и тоа производство на сточна храна, опрема за производство на мед и производи од пчели, опрема за млин, молзачки капацитети, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и останата преработувачка опрема, набавка за опрема за винарство, со што ќе развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија токму во руралните средини, со што несомнено се поттикнува рамномерниот регионален развој.

Весна Ивановиќ-Кастаред во име на канцеларијата на UN Women во Скопје изрази големо задоволство за денешниот настан, кој го оцени како особено значаен не само за жените земјоделки, добитнички на финансиска поддршка, туку и за целокупното унапредување на родовата еднаквост во секторот на земјоделството.
Присутните денеска, по повод доделувањето на дел од договорите за грантови за реализација на инвестиции во земјоделството и руралниот развој на жени-претприемачи изразија уверување дека ќе продолжат да даваат поддршка на растот и развојот на агросекторот.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици